Скопскиот книжевен фестивал „Друга приказна“ годинава ќе се одржи на 26, 27 и 28 август, во МКЦ и во „Сули-ан“. Под слоганот „Нова писменост“, фестивалот ќе ги истражува експерименталните образовни практики во наставата по книжевност, критичката и демократска училница, создавањето на книжевните канони.
– Со 15 гости од регионот и исто толку домашни ќе се обидеме да ги лоцираме современите текови на регионалната книжевна сцена, ќе разговараме за книгите на сјајни писатели и поети, ќе презентираме исклучителни интердисциплинарни проекти што ги шират перцепциите на културата. Главната награда оваа година ќе ѝ биде доделена на хрватската писателка Дубравка Угрешиќ, за нејзините вонредни остварувања во експерименталната проза. Разговорот со неа ќе го води Румена Бужаровска, а ќе бидат промовирани две нејзини нови книги на македонски. За творештвото на Угрешиќ ќе зборуваат и Гоце Смилевски (писател), Мерима Омерагиќ (книжевна теоретичарка), Ирена Јовановиќ (книжевна критичарка) – најавуваат организаторите.
Фестивалот ќе биде отворен од Урош Крчадинац со самостојната интердисциплинарна изложба „Тогаш ќе пораснеш и мапите стануваат страшни“ – илустрирани мапи од патописниот роман „Бантустан“. Изложбата ќе биде проследена со предавање на авторот. Филмот „Долги реси“ на Драган Протиќ-Прота се фокусира на еден денес заборавен дневен ритуал и преку духовито патување низ балканските дневни и спални соби, кројачки и куќни салони, ја оживува „музиката“ на некогашните фабрики, заедници, естетски начела и ритуали. По проекцијата ќе следува разговор со авторот Протиќ. Своите творештва на фестивалот ќе ги претстават: Сенка Мариќ (писателка, поетеса и уредница), Срѓан Срдиќ (поет и уредник), Маша Сеничиќ (поетеса, сценаристка и уредница), Јана Букова (писателка и поетеса), Данило Луциќ (поет и уредник).
На фестивалот ќе гостува и словенечката писателка за деца Јана Бауер, која беше лауреатка на фестивалот „Друга приказна“ во 2020 година. Излагања во кои ќе ја претстават својата работа во наставата по книжевност и работата со млади ќе имаат и Ирена Бекиќ (библиотекарка и кураторка на галерија), Хелена де Карина (професорка), Ружица Марјановиќ (професорка и уредница на фестивалот „На пола пута“), Барбара Прегељ (универзитетска професорка и истражувачка). Ненад Тонкин ќе ја постави изложбата на скулптури „Суштества страшни со фризури и машни“. Фестивалот ќе се затвори со изложба на керамички дела на Анета Попова.