Почнува „Бич филм фестивал“
Од денеска до 21 јули на неколку локации во Охрид ќе се одржува седмото издание на фестивалот на нов европски филм „Бич филм фестивал“. Годинашното издание нуди богата програма со филмски проекции, едукативни работилници и музички перформанси на четири локации во Охрид, и тоа: плажата Славија, бродот „Армада“, плажата Сараиште и Младинскиот центар-Охрид.
Годинашното издание на фестивалот ќе го отвори филм „Живи и здрави“, а во главната програма ќе се прикажат уште шест долгометражни европски филма: „Родео“, „Летото што доаѓа“, „Афире“, „Млеко“, „Некои птици“ и „Пеликан“. Покрај главната програма, на фестивалот ќе се прикажат и 14 краткометражни филма, вклучувајќи и филмови од домашната продукција, филмови на Ана Јакимска, Елеонора Венинова, Јане Спасиќ и Димитар Банов, а за музичката програма ќе се погрижат бендовите „Сиото џез“ и „Ксаракири“, диџејките Баила, МарТиан и музичкото дуо „СИЗ“.
– Оваа година имаме четиричлено жири, кое се состои од: Хулиан Генисон (во соработка со шпанската амбасада), Карла Шола, Агим Абдула и Јени Зулка (во соработка со институтот „Гете“), кое ќе ги додели наградата „голем бран“ за најдобар долгометражен филм и наградата „Стефан Сидовски-Сидо“ за најдобро актерско остварување – велат организаторите.
Исто така е оформено и тричлено жири што ќе ја додели наградата „мал бран“ за најдобар краткометражен филм, а кое се состои од: Ѓоко Симјаноски, Веле Митаноски и Свето Стефановски.
– Фестивалот од година на година станува препознатлив бренд на летната сезона во Охрид, а особено ја привлекува младата публика што го одбира Охрид за летен одмор, целно во периодот додека трае фестивалот. Поради тие причини оваа година фестивалот се збогати со уште еден тип на програма – филмови за најмалите посетители и нивните блиски, кои ќе бидат прикажани на градската плажа Сараиште, каде што секој ден од 17 до 21 јули, со почеток од 20 ч., ќе има проекции на детски филмови, а влезот ќе биде бесплатен – најавуваат организаторите.
Според нив, „Бич фил фестивал“ во Охрид е од големо значење како културен настан во државата бидејќи привлекува млада публика (18-35 години), која во денешно време е исклучително тешко да биде анимирана и ангажирана да проследи европски кинематографски остварувања, во време кога на сите платформи се промовираат нови холивудски блокбастери.
– Поттикнувајќи ја филмската писменост, фестивалот служи како доказ за моќта на киното во премостувањето на културите, промовирањето на различностите и разгорувањето на страста за раскажување приказни. Без разлика дали сте филмофил, млад филмски режисер, филмски ентузијаст, или едноставно поединец што сака да го истражи богатството на европската кинематографија, овој фестивал е правата дестинација за ова лето – велат од организацијата на фестивалот. В.Д.