ДОДЕЛЕНИ НАГРАДИТЕ НА ФЕСТИВАЛОТ НА ЈУГОИСТОЧНА ЕВРОПА

Фестивалот на Југоисточна Европа, „СЕЕ ФФ 2024“, годинава го имаше своето 14. издание во Париз, деветто во Берлин, а по четврти пат се одржа и во главниот град на САД, Вашингтон. Годинашната богата програма од играни, документарни, кратки и анимирани филмови предизвика голем интерес кај американската и кај европската публика. Европското и американското жири на фестивалот ги донесоа одлуките за добитниците на награди на фестивалот.
Американското жири во состав: Партисија Корбет, претседателка, Џеклин Хедингтон, Роман Костовски, членови, наградата за најдобар игран филм му ја додели на филмот „Чуварите на формулата“ од Србија, во режија на Драган Бјелогрлиќ, кој ги понесе и наградите за најдобар актер – на Алексис Маненти и Радивоје Раша Буквиќ и за најдобро сценарио – на Вук Ршумовиќ, Огњен Свиличиќ, Драган Бјелогрлиќ, додека, пак, за најдобра актерка беше прогласена Даница Чурчиќ од црногорскиот филм „Сирин“.
Наградата за најдобар краток филм ја доби „Кутии“, на младата македонска режисерка Ангела Димоска, за најдобар документарен филм беше прогласен црногорскиот „Шагаргур“ од Наташа Нелевиќ, додека, пак, за најдобар анимиран филм беше прогласен „Реконструкт“ (Габор Урлих, Унгарија).
Европското жири на фестивалот, за Париз и за Берлин, во состав: Фроса Пејоска-Бушро, претседателка, Фредерик Фапани фон Лотринген, Ив Русле и Игор Станковиќ, членови, наградата за најдобар филм, исто така му ја додели на „Чуварите на формулата“, кој истовремено доби и награди за најдобра актерка (Ана Сера), најдобар актер (Алексис Мананти) и најдобра режија (Драган Бјелогрлиќ). Покрај тоа, награда за најдобар актер доби и Наум Шопов од бугарскиот филм „Без крилја“, за најдобра актерка Даница Чурчиќ („Сирин“), најдобро сценарио Нина Огњановиќ („Овде ќе помине патот“) од Србија. Наградата за документарен филм ја понесе македонскиот филм „Скршени синџири: враќање по ИСИС“ во режија на Сибел Абдиу“, за најдобар анимиран филм беше избран бугарскиот „Флип“, (Ивајло Бољаров), додека наградата најдобар краток филм ја понесе „Крадецот“ од Матео Пицокаро (Грција).
Гран при на академијата „Балканика Еуропеана“ понесе српскиот филм „Светлост и сенки“, посветен на познатиот сликар Сава Шумановиќ (1896-1942) во режија на Драган Елчиќ. Традиционалните награди за животно дело им беа доделени на Желимир Жилник од Србија и на Енико Есењи од Унгарија, а наградата „Фредерик Росиф“ ѝ припадна на славната француска документаристка Мари-Моник Робен. Наградата „Еуропа прима“ ја доби Силвестр Клансие, претседател на академијата „Маларме“. Оваа година за првпат беше доделена наградата „Светска визија за Македонија и Балканот“, која ја понесе познатиот бизнисмен Цветан Панделески, а наградата „СЕЕ персоналити“ ја доби Костадин Костадинов, градоначалник на Струмица. Посебни претставувања на добитниците на наградите ќе бидат организирани оваа есен на универзитетот „Пантеон Асас“ на Сорбона и во Нови Сад, првиот град на европската култура на Балканот.
Фестивалот се организира во соработка на универзитетите „Еуропа прима“ од Скопје, ИНАЛКО од Париз, „Хумболд“ од Берлин, „Американ јуниверсити“ од Вашингтон, како и издавачката куќа „Пламен прес“, исто така од Вашингтон.