Новата серија слики и мурали на уметникот Методи Исков е инспирирана од развојот и историјата на Прилеп, особено некои позначајни делови, како што се Марковите кули, Старата чаршија, Саат-кулата, Могилата на непобедените и други знаменитости.
– Разгледувајќи стари фотографии од градот се запрашав за тоа каков бил животот во градот и како се менувал ликот низ годините. Очите што ги бележат спомените создаваат своја трага на случувањата на едно време, а уметноста може да ги претвори спомените во траен белег за многу генерации. Оттука произлезе и мојот циклус на слики и мурали поврзани за Прилеп. Иако сум вајар, мојата љубопитност ме одведе во нови предизвици, да експериментирам и во сликарството. На моите две последни слики насловени „Очи што го бележат Прилеп“ е претставен плоштадот, дел од Старата чаршија. Работени се според фотографија од пред повеќе години – вели Исков.
Тој сака естетски да го оживее споменот на едно време, на еден град, да остави трага за некои идни неодговорени прашања.