Ана Пенијас ја доби Националната шпанска награда за графичкиот роман „Ние жените секогаш сме добро“ за замолчената генерација жени

Графички роман за шпанските баби

Може ли животот на две старици, девојчиња во време на Шпанската граѓанска војна, на две неуки жени што голем дел од својот живот, годините на формирање, а потоа и добар дел од зрелоста, целосно замолкнати, готово невидливи, поминале за време на 40-годишната Франкова диктатура и на силниот католички национализам, варејќи дома ручеци, подигајќи ги децата, чекајќи ги мажите да се вратат од работа? Можат ли таквите животи да бидат интересна предлошка за графички роман? Може ли таа тема да се држи доволно долго и добро, се прашувала, иако се зафатила со работата по наговарање од уредникот, Ана Пенијас, стрип-авторката од Мадрид, кога тргнала да ја истражи, нацрта и раскаже приказната на своите баби Маруја и Херминија. Нејзиниот графички роман „Ние жените сме секогаш добро“ најпосле ја доби Националната шпанска награда за стрип, која дотогаш никогаш не отишла во рацете на некоја женска авторка. Во Шпанија досега имаше пет изданија, а во меѓувреме е преведен на повеќе јазици, меѓу кои и на хрватски.
Пораката од насловот, „ние жените секогаш сме добро“, е типична реченица на генерацијата, која во романот, некаде на крајот, ја изговара од животот уморната Маруја кога внуката ја прашува како е. Маруја ѝ припаѓа на генерацијата на жени што немала луксуз да се загледа во себе, во сопствените чувства, а камоли уште и да сака да разговара со другите за тоа. Никој не ги охрабрувал за интроспекција.
– Тоа прашање што ѝ го поставив, за нив не беше прашање, тие на него имаа секогаш ист, подготвен одговор, во кој и имаше и немаше содржина. Бидејќи, добро се бидејќи се воспитани да мораат секогаш да бидат добро, за себе да не бараат многу, да немаат големи очекувања – вели Пенијас.

Нејзините баби за кои раскажува, две вдовици во 80-ти години, Маруја и Херминија, се замолчена генерација, тие се нечии сопруги, мајки, баби, но ретко кога се доживеани надвор од тие семејни улоги, особено како да не биле автономни актерки на сопствените животи. Тоа е приказна за наизглед немоќни, но всушност трпеливи, издржливи жени, во чиј внатрешен живот е тешко да се продре. Пенијас раскажува покажувајќи ги остарените тела од кои виси кожа, старечки одамна свиснатите дојки, над кои на вратот цел живот стои репресивно крвче, крупни кадри на усни, обрабени со длабоки брчки, на кои старицата и денес нанесува црвен кармин, длабоките подочници, над кои и понатаму ги обликува трепките пред, потпирајќи се несигурно на држачите за помош при одење, да замине на средба со пријателките, сосетките. Таму е меѓу своите, остарени жени, кои нашироко расправаат за забавеното и често самотно секојдневие. „Никој не е среќен на овој свет, ха? Ми се чини дека го поминав порабувајќи ги со шиење завесите“, ѝ вели баба Маруја на пријателката. Маруја е огорчена, недоверлива кон луѓето, убедена дека човечкиот род станува сѐ полош.
Пенијас за себе вели дека отсекогаш била внука што се респрашувала за животот на бабите. Ја интересирале обични и необични приказни. Кога почнала да ги собира податоците, ни самата не знаела дека од тоа на крајот ќе излезе графички роман.
– Особено не можев да претпоставам дека ќе биде награден, преведен на други јазици. Дека таа тема за невидливите жени толку ќе резонира во општеството – вели авторката.

Со тоа и изненадувањето на двете баби, и двете неуки, практично неписмени жени, било големо. Кога стрипот бил објавен, Маруја, родена во 1933 година, веќе сериозно била начната од Паркинсонова болест.
– Се загледуваше во некој детаљ на страницата, се фокусираше само на него и велеше: „О, многу сум дебела на тој цртеж“, или: „Зар вака изгледа мојата куќа?“ Но, всушност, не ја разбра пошироката слика – вели Ана.
Херминија бараше да ја научат да се потпише, бидејќи луѓето од нејзиното родно село, таму каде што се враќа во посета секое лето, барале да им се потпише на примероците од книгата откако била објавена.
– Го молеше роднината да ѝ купи тетратка наменета за деца што тргнуваат на училиште за во нив да ги вежба буквите, за добро да го извежба сопствениот потпис. Тоа беше многу потресно. Моето семејство мисли дека излегувањето на книгата на некој начин ѝ го продолжи животот на баба, ѝ даде некаков вид самопотврда, внатрешно задоволство. Родена е во 1930 година, живее во Валенсија и всушност е многу витална – вели внуката, која сакала да зборува за нејзината горчина
Пенијас таа година поминувала време во долги разговори со едната баба, а потоа патувала да разговара со другата, со Херминија. Со диктафон ги бележела нивните приказни, размислувањата, од секоја земала купишта семејни фотографии, кои ги скенирала, а потоа, делумно со помош на технологијата, а делумно со сопствената рака и цртеж, ги пренела на хартија. На нејзините цртежи за животот на бабите повеќе раскажуваат предметите во нивните куќи.

Тие, дури и кога директно биле прашани, не зборувале многу за своите животи. Приказните за нивните животи главно се однесуваат на приказните за грижата за другите, тие им биле посветени на родителите, на децата, на мажите, на внуците, секогаш му се давале на некој друг. Тоа е генерација што многу помалку била фокусирана на себе отколку што сме ние денес. Затоа Пенијас црта тенџериња, игли за шиење, машини за перење, клопчиња волна, по некој евтин кичест сувенир од некое од ретките патувања во соседниот регион; тоа се визуелните сложувалки на нивните животи.
– Сите тие лични приказни на Маруја се многу горки. Често повторувала дека животот, всушност, е многу досаден. Најдоброто нешто што ѝ се случило во животот е што имала возачка дозвола. Од денешна перспектива, тоа е смешно, но неа ѝ овозможило слобода на движење. Меѓутоа, таа малку имала слобода. Бидејќи, ако возачката дозвола е најдоброто во твојот живот, тоа значи дека во него и нема многу слобода. Бабата Херминија како празник во животот го помни денот кога ја добила машината за перење алишта.

Како и не, кога знаете од што ја ослободила таа машина! Ние сме различна генерација на жени. Иако многу е поголема разликата меѓу животот на мојата баба и на мојата мајка отколку што тоа беше меѓу животот на мојата прабаба и на мојата мајка – вели Пенијас.
Маруја како неписмена 19-годишна девојка се омажила за 17 години постариот лекар, но таа никогаш не го сакала. А разводот за време на Франковиот режим бил забранет. Жените во тие десетлетија повеќе или помалку биле во домовите, не смееле да работат надвор од нив, единствено ако за тоа имале добиено зелено светло од таткото или од мажот. Сепак, Маруја нема мислење за Франко, „дедо беше тој што се разбираше во политика“. Сексот за жените од генерацијата на Маруја бил табу. Многу мажи во тоа време не знаеле да се воздржуваат, да го одложат оргазмот, па ретко која жена уживала во тој брз секс, а жените меѓу себе и не зборувале многу за сексот.