По завршувањето на Игрите во Токио

Триесетина плакати од летните и зимските олимписки игри, почнувајќи од првите модерни олимписки игри одржани во Атина 1896 година, се дел од музејската колекција на Музејот на Македонија. Плакатите се со големина 100 х 70 см и претставуваат репринт на оригиналните плакати, добиени од Олимпискиот музеј во Лозана.
– Овие плакати првпат се презентирани пред македонската јавност во февруари 1996 година, за време на манифестацијата „Олимписки денови во Македонија“. Дел од оваа манифестација, одржана по повод 100 години од првите Олимписки игри, претставувала и изложбата „Од Атина до Атланта 1896 – 1996“, подготвена и реализирана со активна вклученост на Музејот. Гости на изложбата, на која покрај плакатите биле претставени и многу други експонати значајни за олимпизмот, биле голем број видни личности, меѓу кои и тогашниот претседател на Меѓународниот олимписки комитет, Хуан Антонио Самаранч – велат од Музејот на Македонија.

Оттаму потсетуваат на овој дел од музејската колекција, затоа што, како што велат, жешките летни денови во кои се актуелни Олимписките игри во Токио претставуваат добра можност да се потсетиме малку на историјатот на Игрите.
– Еден од начините за тоа е и преку официјалните плакати. Плакатите играат важна улога како комерцијална форма за најава и презентација на одреден настан, независно дали се работи за спортска манифестација, концерт, изложба и слично. Тие не само што го најавуваат настанот туку со своите визуелни и ликовно-естетски карактеристики дополнително го осмислуваат, го доближуваат до јавноста и овозможуваат поблиска комуникација и интеракција меѓу самиот настан и публиката. Големите настани и манифестации остануваат во сеќавањата на луѓето, меѓу другото и поради претставите добиени преку официјалните плакати. Оттука произлегува и значајното место на плакатите како експонати и дел од музејските колекции – велат од Музејот.