Годинава, Францускиот институт во Скопје организира Летен регионален онлајн универзитет во духот на традиционалниот универзитет во Струга, педагошка обука што повеќе од 20 години обединува професори по француски јазик од повеќе земји во регионот.

Годинашното издание на универзитетот се одржува онлајн до петок, а во рамките на својата програма ќе понуди педагошки работилници наменети за професорите по и на француски јазик од земјава и од регионот, Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Србија, Хрватска. Обучувачите се експерти од Франција и ќе анимираат работилници на актуелни тематики врзани за наставата на и по француски јазик во рамките на образовниот систем.

Настанот официјално го отвори Сирил Бомгартнер, амбасадор на Франција, по што следуваше воведно предавање на Марсел Лебрен, доктор на науки и почесен професор на Факултетот за педагошки науки и педагошки советник при Универзитетот во Лувен, Франција, насловено „Обратни улоги за време на часовите, педагошки тренд или вовед во школо на иднината?“

Со цел збогатување на програмата, проширување на професионалните хоризонти и следење на актуелните случувања, предвидени се и следните активности: промоција на педагошки новитети од претставници на француски издавачки куќи, промоција на дидактички материјал за Европската Унија за учениците што го изучуваат францускиот јазик, презентација на проектот за рано изучување на францускиот јазик и емисија за еден од најголемите писатели во француската книжевност, Гистав Флобер, чија 200-годишнина од раѓањето се одбележува токму годинава.