Видеопроекција и дискусија со хрватскиот визуелен уметник Игор Грубиќ во разговор со кураторката Јованка Попова ќе се одржи вечерва, во Музејот на современа уметност, со почеток во 21 часот. Избраните видеодела што ќе бидат претставени и дискутирани се осврнуваат на главните преокупации во уметничката практика на Грубиќ, односно на значајни историски настани, на маргинализираните групи и на невидливите херои. Видеоделата на овој уметник се карактеризираат со афективен и емпатичен пристап, кој е длабоко хуман и честопати поетски, а вечерва ќе бидат прикажани: „Енџелс вит дрти фејсес“, „Ист сајд стори“, „Капитализм фолоус сошијализм“, „Монумент“ и „Хау стил вас темперд“.

– Интервенциите на Грубиќ во јавниот простор, како и видеоделата, ги истражуваат политичките ситуации од минатото и сегашноста, притоа пробивајќи го ткивото на реалноста. Критичката, социополитички посветена практика на Грубиќ се карактеризира со долгорочен ангажман и посветеност на темите што тој ги обработува. Од длабинско истражување на судбината на историските споменици и падот на индустријата до испитување на проблемите на малцинските заедници – посочуваат во оваа пригода од Музејот на современата уметност.

Игор Грубиќ е еден од најистакнатите и меѓународно признаени хрватски уметници. Неговата уметничка практика вклучува специфични интервенции во јавниот простор, фотографија и видео. Тој работи и како продуцент и автор на документарни филмови, ТВ-прилози и социјално ангажирани реклами. На 58-то Биенале во Венеција во 2019 година, Грубиќ ја претставуваше Хрватска со проектот „Траги на исчезнување (во три чина)“ и со краткиот, експериментално документарен / анимиран филм „Како се калеше челикот“, со кој освоил повеќе награди, вклучувајќи ги и: специјалната награда на меѓународниот фестивал за анимација „Анилог“ и „Анимафест“, како и наградата за најдобар професионален филм на „АСИФА-Хрватска“. Игор Грубиќ учествувал на голем број други меѓународни изложби, а негови дела се наоѓаат и во колекциите на: „Тејт модерн“, на музеите на современа уметност во Белград и во Загреб, на музејот „Штуки“ и др. Јованка Попова е кураторка во Музејот на современата уметност – Скопје и кураторка и програмска координаторка на проектниот простор „Прес ту егзит“. Вечерашната видеопроекција и дискусија се дел од програмата „Видеоуметници од Македонија и регионот“, кои се реализираат со финансиска поддршка на швајцарската амбасада во Македонија.