„Димче Коцо (1910-2020), јубилеј по повод 110 години од раѓањето“ е насловот на изложбата, која во организација на Националната галерија на Македонија ќе биде отворена вечерва, во 20 часот, во објектот „Чифте-амам“. Ќе бидат изложени речиси 150 таписерии, слики, скулптури и цртежи од сите фази на творештвото на еминентниот македонски ликовен автор, Димче Коцо, како и негови лични документи, кои ќе може да се погледнат до крајот на август. Кураторки на изложбата се вишите кустоски: Славица Алексоска, Маја Неделкоска Брзанова и Маја Чанкуловска.
– Димче Коцо остави особен белег во историјата на модерното македонско сликарство, не само преку своето ликовно творештво туку и како ликовен критичар и автор на голем број релевантни трудови од областа на историјата на уметноста. Тој е наш најпознат историчар на уметноста, кој со својата сестрана активност во текот на низа децении на минатиот 20 век ја раздвижуваше научната мисла во Македонија, во сите области поврзани со историјата на уметноста. Учествувал во основањето на Филозофскиот факултет и Институтот за историја на уметноста, градењето и образовањето нови генерации историчари на уметноста, создавањето и раководењето со нови музеи, нови научни списанија, вршел обемни научни истражувања и автор е на голем број научни трудови, имал богата општествена активност и оставил зад себе богато и вредно сликарско и скулпторско творештво – потсети, меѓу другото, директорката на Националната галерија на Македонија, Дита Старова Ќерими. На јубилејната изложба на Димче Коцо ќе бидат поставени негови дела во сопственост на институции и приватни лица, кои веќе се познати во македонската ликовна јавност, но и дела што досега не биле изложувани. Изложбата е дел од манифестацијата „Скопско лето“.