Фото: Македонска телевизија

Македонската претставничка на овој избор, Тамара Грујеска, беше 12-та. Таа ја пееше песната „Кажи ми, кажи ми кој“ на авторите Роберт Билбилов, Дарко Димитров
и Коста Петров

„Детска евровизија 2023“

Деветгодишната Зои Клазур од Франција ѝ ја донесе третата победа на Франција на „Детска евровизија“, во период од само неколку години. На 21-от избор, на кој учествуваа 16 држави од Европа, за најдобра детска песна беше прогласена „Срце“, кое Зои ја изведе со многу енергија, но и со извонредна кореографија, со помош на уште неколку танчари на сцената. Талентираното девојче освен што прекрасно пее, исто така свири клавир и компонира.

За време на гласањето Франција цело време беше на врвот и на крајот имаше најмногу гласови од националните жирија и од телефонските јавувања, во однос 50:50.
Нашата претставничка, дванаесетгодишната Тамара Грујеска на евровизиската сцена во францускиот град Ница пееше „Кажи ми, кажи ми кој“. Автор на песната е Роберт Билбилов, микс и мастеринг Дарко Димитров и Роберт Билбилов, а текстот е на Роберт Билбилов и на Коста Петров, веќе уиграна евровизиска екипа, со повеќегодишно учество на овој престижен фестивал. Нејзиниот настап беше доста впечатлив, таа пред целиот аудиториум во салата и пред малите екрани го покажа својот талент за пеење, но сепак, на крајот, заврши 12-та.
Самиот настап на „Евровизија“ за Тамара е долгогодишна желба, која, ете, ѝ се оствари. Инаку, во Ница ја нарекувале македонска Витни Хјустон.
Заедно со неа во Франција отпатува повеќечлена екипа, а шефица на делегацијата беше Дијана Гогова Атанасова.
Пред самиот настап, на социјалните мрежи Тамара изрази благодарност за поддршката што ја добива.

– Оваа пригода сакам да ја искористам за да ви се заблагодарам за беспрекорната поддршка што ми ја дадовте во изминативе пет месеци. Наедно, сакам да ѝ се заблагодарам на Македонската радио-телевизија што ми ја даде оваа можност да ја претставувам Македонија на годинешниот јуниорски „Евросонг“. Задоволството и честа се мои да бидам македонска претставничка и гордо да ги претставам боите на нашата Македонија – напиша Тамара на својот профил на Фејсбук.
Тамара досега учествувала на многу музички натпревари дома и во странство и освоила голем број награди.
Инаку, највпечатлива точка на целиот фестивал беше изведбата на песната „We are the world“, со која учесниците упатија порака за мир и за благосостојба на сите деца во светот.

М.Т.