Фото: Приватна архива

Со заеднички вложувања, охрабрувања и пофалби, Томи го гради својот талент и понатаму. Сега се подготвуваме за нов натпревар, за кој црта нова слика под водство и совети на наставничката Виданка, открија родителите на Томи

Ви го претставуваме Томислав Матески (9), победникот на ликовниот конкурс на „Колибри“

Драги деца, во денешниот број на „Колибри“ ќе се запознаете со деветгодишниот Томислав Матески, четвртоодделенец во ОУ „Кочо Рацин“ во с. Долно Лакочереј, Охрид, кој ја освои првата награда на ликовниот конкурс на „Колибри“ на слободна темна, со кој ја заокруживме 2023 година, кога го одбележивме нашиот 65-ти роденден.
Томи, како што го викаат блиските и другарите, победи со својот цртеж на Охридско Езеро, кој, според претседателот на жирито што ги избра најдобрите, Петар Беслаќ, ги имаше сите елементи да се најде на првото место.
За конкурсот дознал од тетка си Ирена, која исто така има талент за цртање, како и дедо му Ристо, но со љубовта за ликовната уметност најмногу го заразила мама Моника.
– На Томи му звучеше интересно да биде дел од конкурсот и се согласи да се пријави. Ги разгледавме цртежите, па го одбравме овој со пејзажот од езерото. Тука најдобро се гледаат деталите, се гледа техниката на цртање со кратки повлекувања на четката, со разбрануваните облаци, со прелевањето на боите на езерото и небото – ни објасни Моника Матеска.
Кога дознале за освоената награда, сите членови на семејството многу се израдувале, а особено биле горди наставничките Виданка и Соња.
За да го запознаеме подобро Томи, ја замоливме мама Моника да го опише во неколку збора.


– Тој е весел и многу дружељубив, секогаш подготвен за игра и разговор. Томи многу сака да игра со своите другарчиња, и не им е важно дали е тоа фудбал, брканица или некоја нивна измислена игра. Во тие игри често се вклучуваат и деца од други одделенија, па веселбата е поголема со такво друштво. Таа игра често продолжува и со другарчињата што ги има и во скопските населби Влае и Аеродром. Има и симпатија, ама тоа засега нека остане негова тајна – открива гордата мајка.
Секако, нѐ интересираше кога се родила неговата желба за цртање.
– Неговата желба за цртање како првоодделенец на часовите по Ликовно прва ја откри наставничката Соња Милеска. Брзо увидовме дека Томи има око за детали и вешто репродуцира пејзажи, портрети, мртва природа. Наставничката секогаш го охрабруваше да црта, што за Томи беше од клучно значење. На првиот летен распуст, нашиот пријател Тони Попов почна со летна ликовна школа за млади уметници, каде што Томи се запозна подетално со разни техники за цртање и за перспективи и за првпат црташе на вистинско платно и акрилни бои. Потоа продолжи да црта дома, заедно со дедо Ристо, но и со мене. По кратко време дознавме за ликовна едукација преку социјалната мрежа Фејсбук. Стапивме во контакт со ликовниот педагог Виданка Мојсоска и го запишавме на часови. Таму заедно со другите деца, неговиот талент доби крилја и Томи доста напредна со цртањето – ни рече Моника.
Таа дополни дека покрај цртањето со молив и акрилни бои, Томи многу сака да прави „блајнд бегс“ (blind bags), „сквиши бегс“ (squishy bags) и аниме карактери. Тато Игор редовно е тука да помогне, а мама Моника помага со цртањето и со охрабрувања и пофалби.
– Со заеднички вложувања, охрабрувања и пофалби, Томи го гради својот талент и понатаму. Сега се подготвуваме за нов натпревар, за кој црта нова слика под водство и совети на наставничката Виданка – открија родителите на Томи.
Освен за цртање, ова талентирано момче многу сака да чита книги.
– Чита доста книги и досега има прочитано повеќе романи за деца и лектири од погорните одделенија. Драматизираното читање го научи од тато Игор, затоа што уште пред да почне со училиште, секоја вечер пред спиење читаа приказни од Библијата. Така, Томи е и најдобар во драматизирано читање, што го откривме со наставничката Соња на часовите по македонски јазик. Англискиот јазик исто така одлично го владее, за што наставничката Александра Рошкоска редовно го наградува со одлични оценки и пофалби – вели мама Моника.
Кога ја прашавме какви се желбите на Томи за иднина, дали сонува што сака да стане кога ќе порасне, таа одговори дека тоа сигурно ќе биде некоја креативна професија.
– Интересот за цртање Томи го гледа во некаков дизајн, фина уметност, можеби и компјутерска графика, затоа што веќе почна да си бара апликации за анимација и ги учи со помош на тато Игор и Јутјуб – вели Моника Матеска. М.Т.