И моето знаење и моите идеи ќе останеа длабоко скриени во мене доколку немаше со кого да ги споделам. Затоа сум многу горда и сум им благодарна на моите ученици, кои со години ми ја даваат таа можност да испливаат на површина моите приказни и да бидат раскажани преку музиката, вели Чулева Атанасова

Силвана Чулева Атанасова, професорка по инструментот флејта во основното музичко и балетско училиште „Лазо Мицев-Рале“ во Кавадарци, е авторка на текстот, сценариото и наедно и режисерка на најновата детска музичка претстава „Црвенкапа и мечката“, во изведба на учениците од ова музичко училиште. Станува збор за прекрасна едукативна претстава работена на музика на Сергеј Прокофјев, исполнета со свирење, пеење и глума, во која некои од прекрасните костими беа изработени од самите ученици. „Црвенкапа и мечката“ е четврта детска музичка претстава што професорката Силвана Чулева Атанасова ја подготви со своите ученици. Нејзе ѝ претходеа мјузиклот „Приказна за земјата Музикалија“, претставата „Приказна за волшебната флејта“ и последната одржана во декември 2022 година – „Приказна за немиот крал“, сите еднакво успешни.
Претставата „Црвенкапа и мечката“ беше најубавиот новогодишен подарок за децата и за сите љубители на музиката во Кавадарци, а деновиве пиесата беше снимена за да ја видат повеќе деца во целата земја. Токму тоа беше повод да разговараме со професорката Силвана Чулева Атанасова и на страниците на „Колибри“ да откриеме како настанала музичката претстава „Црвенкапа и мечката“. Како вовед во нашиот разговор таа нѐ потсети на десет мудрости на темата музика:
1. Музиката нема татковина, татковина ѝ е целата вселена. – Ф. Шопен
2. Музиката го облагородува човекот. – Л.В. Бетовен
3. Музиката е временска уметност, која се создава само во моментот на нејзиното исполнување.
4. Музиката зборува сама по себе, под услов да ѝ се даде шанса.
5. Музиката е најголемо откритие од сите мудрости и филозофии.
6. Каде што престанува зборот, почнува музиката.
7. Музиката се смета за корен на сите уметности..
8. Музиката е лирска пајажина помеѓу срцето и умот.
9. Меѓу уметностите, музиката е најбожествена, бидејќи од сите нив таа е најмалку одредена со граници.
10. Во секое правилно движење има музика, музиката е идеално движење.
На нашето прашање дали овие мудри мисли ѝ помагаат полесно да им го објасни значењето на музиката на децата на кои им предава, професорката Силвана Чулева Атанасова посочи дека е среќна и горда што секојдневно им го открива тоа на помладите генерации.
– Анализирајќи ги сите овие бисери на мудроста, во кои музиката има главна улога, си зедов за право да ја ставам музиката на пиедестал и да ѝ се поклонуваме секој ден, заблагодарувајќи ѝ се за нејзиното постоење. Моето музичко патување продолжува понатаму, а мои вечни патници се моите ученици. Задоволството е уште поголемо кога во патувањето те следат широко отворени очиња и чисти срца, со желба да ја запознаат секоја музичка станица, да поставуваат прашања и да ѝ се восхитуваат на музиката. Еднаш ги прошетав во прекрасниот замок на земјата Музикалија, другпат им раскажував за волшебната флејта на Луна, потоа ги запознав со немиот крал Звук и кралицата Музика. Со последното патување се вративме неколку века наназад, кога за првпат била настаната приказната „Црвенкапа“, оттогаш досега изведена и раскажана во многу верзии. Инспирирана од нејзината популарност, ја облеков во ново руво, ги вклучив моите вредни ученички и заедно создадовме прекрасна музичка претстава. Ги здруживме музичката и драмската уметност и настана новата приказна „Црвенкапа и мечката“. Сигурна во она што го работам, очекував успех и тоа и се случи. Четирите приказни се создадени со цел да се погледне на музиката од еден друг агол, да се научи за карактеристиките на инструментите преку приказна – вели професорката Силвана Чулева Атанасова.
За своите ученици, кои многу одговорно ги прифатија обврските во реализацијата на претставата, таа има најпофални зборови. Со задоволство ни ги објасни детално нивните улоги во оваа необична приказна за Црвенкапа.
– Сирма Стојанова во улогата на Црвенкапа покажа голем потенцијал, а во исто време, преку изведба на пијаното, ни раскажуваше за нејзината прекрасна градина исполнета со разнобојни цвеќиња. Сара Мешкова беше цвет од градината на Црвенкапа. Таа со својата флејта ни ги претставуваше боите на цвеќињата, додека Бисера Мешкова и Ивана Давчева на пијано и Ива Колрва на флејта беа зајачињата од шумата за кои се грижи Црвенкапа, а Ели Лазаров на пијано беше лошиот волк што ги брка зајачињата. Во целата таа бркотница се појавува Андреа Силева на пијано во улогата на ежето, Вероника Димкова на флејта е лисицата што ги растерува кокошките, наместо да го бара волкот, а кокошките ги толкуваа Кристина Данева и Јана Плачкова на пијано. Птиците на флејта ги доловија: Патриција Ѓорчева, Цветанка Петкова, Јана Димовска и Бојана Трајковска. Тие на жеравот му го расчистуваат патот. Петранка Димова на инструментот флејта го толкува жеравот. Тој ѝ е многу благодарен на Црвенкапа, која му го излекувала крилото, и на крајот тука е мечката, која во приказната го заменува волкот и заедно со Црвенкапа оди кај бабата. Неа ја толкуваше Ивана Давчева на пијано – ни објасни професорката.
За Силвана Чулева Атанасова е возвишен моментот своите музички приказни да им ги раскажува на децата.
– И моето знаење и моите идеи ќе останеа длабоко скриени во мене доколку немаше со кого да ги споделам. Затоа сум многу горда и сум им благодарна на моите ученици, кои со години ми ја даваат таа можност да испливаат на површина моите приказни и да бидат раскажани преку музиката. Секое дете за мене е школка со скриен бисер, кој носи во себе неоткриен талент. Секогаш сум тука за нив, подготвена заедно да го ја откриеме нивната дарба и да запловиме во водите на музиката, која се смета за мајка на сите уметности – ни рече Силвана Чулева Атанасова.