По примерот на Европската Унија, која во последно време изнајде низа можности да најде решенија за одредени ќор-сокаци што се последица на ригидните ЕУ-процедури, се согледуваат многу можности за тоа на кој начин би се отстраниле недоследностите што се појавија за граѓаните на Македонија како последица од меѓународните договори, чиј патрон беше Унијата. Со Преспанскиот договор се отворија мноштво длабоки проблеми за македонските граѓани, вклучувајќи ги последниве со личните документи. Прашањето што легитимно се поставува е дали Брисел знаеше за блокадата на системот на функционирање во Македонија како последица од споменатите меѓународни договори и дали воопшто ЕУ можеше/сакаше да ѝ помогне на Македонија или со умисла создаде хаос

Може ли ЕУ да биде поинвентивна од македонските национални институции во врска со важноста на личните документи на сопствените граѓани

Политичките партии сега се растрчаа да бараат законски решенија за надминување на проблемите со личните карти и возачките дозволи откако ескалира хаосот со документите, но никој не кажува дали тоа решение ќе ги опфаќа и стотиците илјади граѓани што од денес не можат да излезат од државата бидејќи престана важноста на патните исправи со старото име „Република Македонија“.
Надлежните задоцнија навреме да разговараат со Грција околу надминувањето на овој проблем, па сега едноставно нема решение како на македонските граѓани да им се овозможи да патуваат надвор од државата, но и да се вратат назад сите оние што се на привремена работа во странство.
Гледајќи го хаосот што се случува во земјава, Европската Унија најави дека нејзината работна група следната недела ќе расправа како да ја имплементира одредбата од Договорот од Преспа, според која, од 13 февруари сите пасоши што го содржат името Република Македонија повеќе нема да важат.
Амбасадорот на Белгија за Македонија, Фредерик Мерис, оцени дека ќе биде лошо ако ЕУ нема заедничка позиција околу имплементацијата и ако земјите членки поединечно одлучуваат како да ги третираат македонските граѓани со невалидни пасоши.
– Не знаеме сѐ уште како Белгија ќе ја имплементира промената и како ќе ги третира вашите граѓани без валиден пасош, сѐ уште немаме конкретен одговор на тоа. Сепак, тоа е дел од одговорноста на претседателството на ЕУ. Ние ќе имаме состанок на почетокот на неделава што доаѓа на европско ниво. Има работна група во рамките на ЕУ што се справува со вакви прашања и ќе работиме за да утврдиме заедничка позиција за земјите членки. Најлошо ќе биде ако се случи луѓе да поминуваат низ Унгарија и низ Србија, а Австрија да има друга позиција – тоа е нешто што сакаме да го избегнеме. Така што, во основа, да, ние мора да имаме повеќе јасност идната недела околу ова прашање – вели Мерис.
Очигледно ЕУ не сака кризата со документите во Македонија да создаде проблеми кај земјите членки, па затоа се обидува да изнајде заедничко решение внатре во Унијата и да се заштити од евентуални проблематични ситуации на границите што би можеле да ги предизвикаат македонските државјани со невалидни документи.
– Според тоа што досега го гледаме, македонската дипломатија нема никаква иницијатива во тој поглед затоа што владата на СДСМ и на ДУИ воопшто не мисли на правата, интересите и потребите на македонските граѓани. Како ќе одлучува ЕУ без формално барање од Македонија, доставено по официјални дипломатски канали? Во очите на европската дипломатија нема никаков проблем штом нема никакво известување од македонска страна – вели поранешниот вицепремиер и амбасадор Ивица Боцевски.
Според него, целата криза со пасошите е очекувано финале на седумте години власт на Зоран Заев и резултат на целосното откажување на власта на СДСМ и на ДУИ од каква било одговорност кон граѓаните, стопанството, институциите, владеењето и иднината на овој народ. С.Т.