Фото: ТВ Телма

За учениците од нижите одделенија во Тетово

Плоштадот во Тетово во петокот беше обоен во боите на македонското знаме. Со рачно изработени знаменца во рацете и во црвени и во жолти маички, учениците од нижите одделенија од основните училишта го прославија 8 Септември, Денот на независноста на Македонија.

Фото: ТВ Телма

Под мотото „Децата пеат за Македонија“ се одржа културно-уметничка манифестација во која учествуваа учениците со неколку точки, хорот „Крешендо“ и КУД „Шара“.
Прослава од ваков тип за првпат се организира во градот, по иницијатива на одделенските наставнички.
– На градскиот плоштад во Tетово денес за првпат се организира манифестација по повод Денот на независноста на нашата татковина, односно 33-от роденден на Македонија. Ова е првпат да се организираме и го направивме тоа ние одделенските наставници од тетовските училишта, бидејќи се договоривме дека на овој значаен празник мора да му дадеме поголем акцент и да се развива љубовта кон татковината на дечињата. За време на подготовките децата беа многу возбудени, подготвуваа знаменца, подготвуваат музички точки, стихотворби, рецитали. Во оваа манифестација учествуваат сите училишта од градот Тетово со подрачните училишта, а можам и да ги споменам училиштата „Гоце Делчев“, „Лирија“, „Братство Миџени“ со подрачно училиште „Сараќино“, потоа училиштето „Кирил и Методиј“ со подрачното училиште „Фалише“ и училиштето „Андреја Савески Ќиќиш“ – изјави одделенската наставничка Соња Трифуновска.

Фото: ТВ Телма

В година, според најавите, манифестацијата ќе биде уште помасовна и поорганизирана.