ТАЛЕНТИ

Прилепчанецот Никола Павлески, ученик во прва година во ЕМУЦ „Р.Р. Ричко“, периодов реди успеси на турнири и на шаховски натпревари во земјава и во странство. Ова младо момче, кое има 15 години, го постигна последниот успех на меѓународниот турнир во Скопје каде што го освои второто место во конкуренција на 94 шахисти од Македонија, Црна Гора и од Бугарија. До второто место стигна со пет победи и две реми-партии. Претходно постигна извонредни резултати и на други меѓународни натпревари, иако со шахот другарува од пред една година.
На почетокот играл шах со татко му, но кога почнал да го победува сфатил дека има талент. Во април лани се зачлени во ШК Прилеп и оттогаш е доста активен. Член е и на школата на велемајсторот Звонко Станојоски.
– Учествувам на аматерските и гранпри-турнирите што ги организира клубот. Неколкупати освојувам награди и успевам да победам и од најискусните мајстори на шаховската игра. Победив на јуниорски турнир во Куманово до 16 години. Учествував и на екипно првенство до 16 години за ШК Прилеп, каде што го покажав својот талент – вели младиот шахист.
За него шахот, несомнено, освен што е омилена игра е и голем предизвик од ден на ден да биде сѐ подобар. Им се восхитува на светски познатите шахисти Михаил Таљ и Светозар Глигориќ, како и на прилепските мајстори Станојоски и Кироски.
Според рејтингот, Павлески моментално е меѓу најдобрите јуниори во Македонија. Ка.М.