КОЊИЧКИ СПОРТ

По две први места за Мурговска, Гроздановска и за Атанасовски

Изминатиот викенд на терените на коњичкиот клуб Бравадос во Волково се одржаа првите кола во Купот и во Првенството на Македонија во прескокнување пречки за годинава, а по две први места освоија Петра Мурговска, Леонида Гроздановска и Горјан Атанасовски.
Во првото коло на Купот на Македонија, во категорија е-ех-екво (висина на пречките од 0,7 м и широчина 0,9 м.) без казнени поени првото место го поделија Мурговска со грлото „Куакс“, Борјана Несторовска со грлото „Визир“ и Андрија Ѓоќиќ со грлото „Паули“, сите од клубот КК Бравадос. Во категоријата Е* (0,8 м-1,1 м) победи Атанасовски со грлото „Змеј“ од ККС Илинден. Во категоријата А* (висина еден метар и широчина 1,2 м) славеше Меланија Атанасовска со грлото „Фара РВ“ од ККС Илинден. И во категоријата А** (1,1 м-1,3 м) најдобра беше Гроздановска со грлото „Џилдан“. Во првото коло на Првенството на Македонија на програмата беа пет натпревари. Во класата Е (висина 0,8 м, широчина 0,9 м) победи Мурговска. Во класата Д (0,9 м-1,1 м) славеше Атанасовски. Во класата Ц (височина еден метар и широчина 1,2 м)победи Марта Димитријевиќ со грлото „Калатус“ од ККС Илинден. Во класата Б (1,1 м-1,3 м) прв беше Петар Милошевски со грлото „Надја“ од ККС Илинден. И во класата А (височина 1,2 м, широчина 1,4 м) најдобра беше Гроздановска со грлото „Кардино 14“ од КК Анималс. Немаше пласирани на второто и на третото место. Г.И.


КОШАРКА – НБА-ЛИГА

Денвер ќе ја брани титулата од втората позиција

Кошаркарите на Оклахома го освоија првото место во Западната конференција на НБА-лигата, а Денвер ќе почне од втората позиција во одбраната на титулата. Од трите екипи што влегоа изедначени во последниот ден од сезоната, само Минесота загуби, завршувајќи на третото место, откако загуби од Феникс, кој стана последната екипа што обезбеди директен влез во плејофот. Двојки, Западна конференција: Оклахома – тим од плејин (8), Денвер – тим од плејин (7), Минесота – Феникс, ЛА клиперс – Далас. Двојки плејин: Њу Орлеанс (7) – ЛА лејкерс (8), Сакраменто (9) – Голден стејт (10), а потоа ќе играат поразениот од 7-8 со победникот од 9-10. Двојки, Источна конференција: Бостон – тим од плејин (8), Њујорк – тим од плејин (7), Милвоки – Индијана, Кливленд – Орландо. Двојки плејин: Филаделфија (7) – Мајами (8), Чикаго (9) – Атланта (10), а потоа ќе играат поразениот од 7-8 со победникот од 9-10. Г.И.


АТЛЕТИКА
Алекна го собори најстариот светски рекорд

Литванецот Миколас Алекна го собори најстариот светски рекорд во атлетика за мажи, фрлајќи го дискот неверојатни 74,35 метри на митинг во Оклахома (САД), пишува Светската атлетика (СА). Тоа фрлање е подобро од светскиот рекорд од 74,08 метри поставен од Јирген Шулт во 1986 година, 16 години пред да се роди Алекна, и беше дел од серијата од шест фрлања од барем 70 метри на 21-годишниот атлетичар.
Алекна во првата серија оствари далечина од 72,21 метри, со што го подобри личниот рекорд со кој беше на 10-то место на светската вечна листа на 6 април. Потоа следуваа резултати од 70,32 м, 72,89 м (четвртото место на сите времиња) и 70,51 м. Во петтата серија тој го фрли дискот на далечина од 74,35 м и Алекна влезе во историјата, завршувајќи ја својата серија со 70,50 метри во последната серија на тој митинг.
Семејството Алекна сега има двајца од тројцата најдобри фрлачи на диск во историјата, откако двократниот олимписки шампион Виргилијус Алекна, таткото на Миколас, сега е трет на светската вечна листа со неговите 73,88 метри од 2000 година.
Настапот на Миколас Алекна дојде еден ден откако Јаиме Перез од Куба фрли 73,09 метри на истиот митинг, за најдолгото фрлање диск за жени во светот од 1989 година, пишува СА. Н.М.