Во зборникот се објавени 174 песни на ученици од 40 основни и средни училишта во земјава, како и на студенти од четири факултети, некои од нив го носат името на великанот, но и на писатели и факултетски професори што учествувале на  минатогодишниот конкурс, кој фондацијата за македонски јазик „Небрегово“ традиционално го објавува од септември до декември секоја година

ВО ПРИЛЕПСКОТО СЕЛО НЕБРЕГОВО ПРОМОВИРАНА КНИГАТА „ПОЕТСКИ ПОРАКИ ЗА КОНЕСКИ“

Во пресрет на Денот на независноста на нашата Република, 8 Септември, во родната куќа на Блаже Конески, во прилепското село Небрегово, беше организирана свеченост, на која беше промовиран зборникот со песни „Поетски пораки за Конески“, кој го издаде фондацијата за македонски јазик „Небрегово“. Домаќин на манифестацијата беше Музејот и завод во Прилеп. Рецензенти на зборникот се писателката Јагода Михајловска-Ѓеорѓиевска и публицистот Мишо Китаноски.

ВРАЧЕНИ НАГРАДИТЕ ЗА НАЈДОБРИТЕ ПЕСНИ

Во зборникот се објавени 174 песни на ученици од 40 основни и средни училишта во земјава, како и на студенти од четири факултети, некои од нив го носат името на великанот, но и на писатели и факултетски професори што учествувале на минатогодишниот конкурс, кој фондацијата за македонски јазик „Небрегово“ традиционално го објавува од септември до декември секоја година,
На свечената промоција на зборникот „Поетски пораки за Конески“ присуствуваа членовите на управниот одбор на фондацијата, од Прилепскиот завод и музеј, наградените ученици и нивните ментори.
Фондацијата им додели награди на 20 ученици и професори чии песни се во зборникот, со што ја промовира и нововостановената награда, која ќе стане традиционална. Наградени се: Благојче Ристески и Марија Сервини од Битола, Христијан Арсов, Елена Кузмановска и Матеја Николова од Велес, Елена Јандреоска и Ивана Богеска од Прилеп, Валерија Андоноска од Ропотово, Билјана Митреска, Ива Каимовска, Ведрана Петрова, Ана Петаноска и Анастасија Златковска од Скопје, Немања Јорданов од Стајковци, Рахмина Куртовска од Скудриње, Трајче Баисколиев од Колешино, Александра Манушева од Муртино, Исмаил Шасивари од Тетово и Ана Витанова Рингачева од Штип.
Наградите на наградените им ги врачи проф. д-р Живко Цветковски, претседател на фондацијата за македонски јазик „Небрегово“. Модератор на манифестацијата беше Атанас Конески, секретар на фондацијата за македонски јазик „Небрегово“.
Колку повеќе се оддалечува со своето физичко присуство, толку повеќе Блаже Конески ни се приближува со својата духовна големина, како златоврв над Небрегово со своето епохално дело. Ова е потврда дека Конески е ѕвезда што не згаснува, но нему му треба соѕвездие. Дел од ѕвездите на тоа соѕвездие се наградените ученици – нагласи Атанас Конески.

И БОРЦИ И ТВОРЦИ

Книгата зборник „Поетски пораки за Конески“ ја промовираа писателката Јагода Михајловска-Георгиевска и новинарот и писател Мишо Китаноски.
– На крајот од минатиот, ХХ век, беше направена релевантна анкета за избор на Македонец личност на нашиот минат век. За личност на македонскиот ХХ век на првите четири места беа избрани Крсте Мисирков, Гоце Делчев, Блаже Конески и Кочо Рацин. Овие четворица преродбеници се втемелувачите на современата македонска државност, тие со своето дело се вградени во нашиот македонски бит и се исклучително истакнати борци на нашиот идентитет, јазик, историја, традиција – посочи Китаноски.
Тој дополни дека Конески го задолжи еднаш и засекогаш веќе започнатото многувековно македонско слободарско дело никогаш да не биде прекинато и секогаш да го брани и трајно да го вградува она што значи слобода на македонскиот народ.
Во зборников се одделуваат, според она што во себе го носат, три вида песни, и тоа: оние што се инспирирани од неговиот живот и дело (притоа неодминливо се споменува неговото родно Небрегово, во кое поминал само шест години од својот живот), потоа песни во кои се цитираат стихови и мисли што Конески ги има напишано или изговорено во разни пригоди и песни во кои се споменуваат голем број македонски револуционери, се разбира, пресоздадени и вградени со овие зборови во стихови од страна на авторите на творбите кај одделни ученици и автори застапени во оваа книга – потенцира Китаноски.

ТУКА МУ МИНАЛО ДЕТСТВОТО…

Присутните ученици и студенти, заедно со своите професори и ментори, како и поголем број директори од училиштата, имаа можност и пред и по промоцијата на книгата „Поетски пораки за Конески“ да ја разгледаат Спомен-куќата на нашиот великан и, што се вели, да проследат низа фотографии, факсимили и други документи од многу значајни настани од неговиот живот, како и да погледнат зачувани предмети од него што се изложени тука.
Конкурсот за најдобри творби за Конески станува традиционален и ќе се промовира, а наградите ќе се доделуваат на 7 септември, во пресрет на Денот на независноста. Од 8 септември до 19 декември годинава ќе трае новиот конкурс за поетски творби под наслов „Зборот на Конески“, кои ќе се промовираат идната година, на 7 септември, во родната куќа на великанот Блаже Конески во Небрегово. Творбите може да се испраќаат на електронската адреса: [email protected].

Ст.К.


Било еднаш едно дете

Промоторот Мишо Китаноски, по објавувањето на серијата од десет раскази посветени на детството на Блаже Конески, објавени ексклузивно во прилогот „Колибри“ во „Нова Македонија“ во ноември, декември и јануари 2021 година, по повод 30-годишнината од упокојувањето на Блаже Конески (1993 – 2023), објави дека планира в година да објави две книги за нашиот великан. Првата со наслов „Било еднаш едно дете“ и „Конески одблиску“, во која низ збор и фотографии и документи ќе се откријат многу непознати страници од неговиот живот.