Деновиве од книгоиздателството „Феникс“ од Скопје излезе креативната книга за боење и читање „Овошје и зеленчук – песни кратки за плодови слатки“ од поетот Филип Димкоски, со илустрации на Славица Купенкова. Станува збор за интерактивно издание, седмо по ред од едицијата „Учење низ игра“, во кое, освен песните, се наоѓаат прашања за размислување, задачи со активности, интересни факти за овошјето и зеленчукот, активности за родителите и наставниците, лепенки и цртежи за боење. Сите овие активности на детето му нудат исклучително уживање додека се дружи со ова издание.
Во оваа успешна и читана едиција со едукативни книги, досега на одредени теми пишуваа авторите Велко Неделковски, Трајче Кацаров, Славица Купенкова, Ана Петреска и Христо Петрески. Ова е седма книга на Димкоски, а трета наменета за детската читателска публика.
Радува фактот дека сите песни во неговата седма книга „Овошје и зеленчук – песни кратки за плодови слатки“ се објавени на страниците на „Колибри“ во редовната рубрика на авторот, која имаше триесет продолженија.