ЈУБИЛЕЈ

Под мотото „Секое дете е различен цвет во овој свет“, во големата сала на центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп, се одржа свечена приредба со коjа градинката „Наша иднина“ од Прилеп го прослави своето педесет и петгодишно работење.
Во програмата беа вклучени 300 деца од групите од пет до шест години од сите објекти на градинката. Со детски песнички, популарни песни, но и класични композиции децата го претставија својот шарен свет, кој секојдневно го обојуваат во деновите поминати во градинката. Во организацијата на овој настан беа вклучени дваесет и три воспитувачи и негуватели, но индиректно и целиот персонал на градинката.
– Секојдневното вложување на вработените во растот и развојот на децата од предучилишна возраст значи давање надеж и крилја на децата за предизвиците во нивниот живот. Вработените во ЈОУДГ „Наша иднина“ Прилеп им даваат поддршка, љубов, искреност, воспитание и образование на сите деца што се згрижени во нивните објекти. Со сите свои активности се трудиме да им го збогатиме животот на предучилишните деца и да ги поставиме темелите на идните возрасни луѓе – изјави Христина Трпческа, директорка на ЈОУДГ „Наша иднина“.
Инаку, градинката „Наша иднина“ е основана на 12 септември 1968 година со решение на Народниот одбор на Општина Прилеп под името дневен детски дом „Наша иднина“.
Одбележувањето на јубилејот беше уште еден момент со кој вработените во ЈОУДГ „Наша иднина“ и децата што престојуваат во оваа установа изградија убави спомени и волшебни моменти што долго ќе се паметат.

Ф.Д.