Фото: Горан Анастасовски

Деновиве, во организација на институтот „Инаку“ од Скопје, се одржа работилница за бајки, во рамките на курсот за креативно пишување. Работилницата ја водеа писателите Александар Прокопиев и Христо Петрески, а напишаните бајки на работилницата ексклузивно ќе ги објавиме во „Колибри“

Шумата на Алистер

Некогаш, во една далечна земја, постоела една мала шума, скриена длабоко во срцето на планината. Се вели дека оваа шума чува тајни од минатото, коишто ја прекажуваат и иднината, оти тоа е секогаш заемно поврзано, но се вели и дека шумата е чувана од непознати сили.
Легендата вели дека моќната волшебност ја сокрива шумата од смртните очи, освен во ноќите кога месечината е во потполност и кога ѕвездите се распоредени во совршена хармонија, како убава тантелна завеса со светни лампиони.
Помеѓу селаните, особено меѓу овчарите, за маѓепсаната шума се зборуваше со тивки тонови, кратки движења, а најмногу со поглед, поглед на почит и внимателност. Така и им одговараа само на неколкутемина ретки коишто се обидуваа да дознаат повеќе за шумата и на оние уште поретките коишто сакаа да ѝ се доближат, за да ги откријат нејзините тајни.
Една вечер, кога месечината го покажала целото свое лице, фрлајќи светлина врз земјата, Алистер талкачот пристигна во селото. Не беше скитник, од оние што мислиме дека просат, напротив, тој бараше и трагаше по неоткриени тајни. Младичот Алистер ја навали главата, шеретски се насмевна, светна неговото лице, заинтригиран од неповрзаните и чудни нешта за шумата. Така изгледаше младиот Алистер, оти тој сакаше авантури од коишто добива знаење.
Вооружен со храброст и одлучност, Алистер тргна да ја најде шумата, водејќи се од сјајниот одраз на месечината.

Емилија Матаничкова, Скопје

Ако предметите зборуваа

Дејството се случува доцна навечер во собата на една тинејџерка.
Девојче: Ако предметите имаа уста и ум, што би зборувале? Предметите во една просечна соба, мојата соба? Хм, веројатно за тоа колку се чисти, користени. Или пак не…
Шкаф: Уф! Не можам вака. Смачено ми е веќе. Полн сум со алишта, кои никогаш не се здиплени. Не можам да се затворам. Едвај стојам.
Тепих: Пф! Не жали се. Само замисли како ми е мене! Везден ме газат. Не ме ни метат. Полн сум со прашина, ќе се задушам.
Полица: Ти полн со прашина? Па, си ме видел ли мене? За жалење сум, никогаш неизбришана! Слојот прашина на мене почнува да ми тежи. А и оваа книгава…
Книга: Што јас? Не сум виновна што никогаш не сум подигната, земена в раце! Зарем јас сакам секојдневно да лежам на тебе и да ти тежам? А и каде ми се другарите? Од први септември ги немам видено…
Шкаф: Во мене се! Ни јас не знам зошто. Па, јас сум за алишта, не за непрочитани книги и стари тетратки.
Кревет: Престанете! Под вас барем нема неиспрани чорапи! Не лежат везден врз вас! И луѓе и животни ме мачат!
Огледало: (се прави важно) Не знам за вас, но мене ми е предобро. Секој ден ме бришат. Стопати на ден се гледаат во мене. Никогаш не ме одминуваат… Едноставно ми е супер!
Книга: Сте се запрашале ли некогаш како им е на предметите во другите соби? На пример во собата на постариот и поодговорен брат?
Полица: Добро прашање. Сега ме интересира, но зарем не е исто како и овде?
Книга: Исто? Воопшто не! Таму е рај! Сѐ е чисто, средено и скоцкано! Кога живеев таму, ми беше преубаво. Ме читаа, лежев на чиста полица заедно со моите другари, другите книги.
Шкаф: Навистина? Па, тоа не е фер. А шкафот? Како му беше нему?
Книга: На шкафот му беше најубаво. Избришан, полн со суредени, здиплени алишта.
Тепих: А на тепихот како му беше? Беше ли чист?
Книга: О, да. Многу чист. По него немаше ниту едно влакно од мачињата. Не само на тепихот, немаше никаде!
Кревет: Ова навистина е не фер. Па, јас не сакам веќе овде да седам! Никој од нас веќе не сака овде!
Полица: Се согласувам со креветот, а и имам една идеја. Што мислите да се преселиме во таа соба?
Тепих: Овде секако никој не се грижи за нас.
Книга: И јас мислам така. Така е најпаметно!
Шкаф: (строго и решително) Е па, што чекаме тогаш, фаќајте се за работа! Да одиме.
Девојче: Во тој момент се разбудив и погледнав околу мене. Предметите сѐ уште беа тука. Но тоа не беше единственото што го видов. Сѐ што кажаа во мојот сон, сѐ беше точно! Станав од креветот, го наместив, ја избришав прашината од полицата, ги средив алиштата во шкафот, го исчистив тепихот и почнав да ја читам книгата.

Матеа Борски, 9-а одделение, ОУ „Никола Карев“ – Пробиштип