Прво место

Избрани најдобрите ликовни творби на конкурсот на „Колибри“

Драги деца, денеска ги објавуваме резултатите од ликовниот конкурс на слободна тема, кој „Колибри“ го објави пред еден месец.
На наше големо задоволство, до нашата Редакција пристигнаа над 100 ликовни творби на талентирани деца, ученици во основното образование од цела Македонија, но и од странство.
Навистина задачата беше тешка, со стручна помош на наставникот по ликовно воспитување, Петар Беслаќ, да ги избереме најдобрите.

– Сите творби беа интересни и посебни, секоја за себе според возраста на уметниците. Радува тоа што при своето ликовно изразување тие користат различни цртачки и сликарски техники и материјали и истите тие во некои творби и ги комбинираат. А најмногу радува нивниот интерес да творат и да се претстават пред публиката со своите дела. На сите им препорачувам да продолжат да творат, да не се откажуваат, секогаш да истражуваат со мотивите и со техниките и материјалите за работа, зашто само така ќе продолжат да ги разбираат својата креативност и имагинација – вели наставникот по ликовно Петар Беслаќ.

Тој дополни дека му било чест да учествува во ваков проект што е насочен кон поттикнување на љубовта кон уметноста и ликовното творење кај најмалите.
Ги објавуваме имињата на тројцата наградени ученици, кои од нашата Редакција ќе добијат книга, издание на нашите пријатели и соработници од издавачката куќа „Македоника литера“.

Третото место го освои Ања Димитровска, ученичка во 7-2 одделение во ООУ „Круме Кепески“ во Скопје.
Второто место ѝ припадна на Неда, 3-д одделение во ООУ „Владо Тасевски“ во Скопје.
Првото место го освои Томислав Матески, четврто одделение во ОУ „Кочо Рацин“ во Долно Лакочереј, Охрид.
Всушност сите што потрошивте време и се потрудивте да нацртате нешто специјално за конкурсот сте победници и ние многу сме ви благодарни. Во наредните броеви на „Колибри“ ќе се потрудиме да ги објавиме вашите највпечатливи ликовни творби што стигнаа на нашата адреса.
Токму со овој конкурс ние ја заокружуваме нашата славеничка 2023 година, во која „Колибри“, единствениот додаток за деца во македонскиот дневен печат, одбележа редок јубилеј – 65-годишно постоење.

До следната наша соработка, ве сака вашето „Колибри“!

Трето место
Второ место