Ексклузивно во „Колибри“ ја објавуваме новата басна за деца на писателот Александар Прокопиев

По сите трауми што му се случуваа во животот, стариот волк, ревматичен, со многу ослабен вид, едно зимско попладне заскита низ шумата. Таму се сретна со едното од трите прасиња, за кое, оти не гледаше баш, помисли дека е Црвенкапа.
– Еј, Црвенкапче, па ти малку си се здебелила – ја поздрави.
Прасето, а тоа беше она најитрото од трите, одговори божемски навредено: – Па што ако, убаво ми стои!
– Добро, добро, не лути се – рече волкот помирливо, но и покрај многубројните животни незгоди не можеше да се откаже од својата природа. Не издржа, а да не праша: – А баба ти, како е?

– Благодарам на прашањето, не е лошо, се држи за возраста. Мора повеќе да лежи, но јас се грижам за неа, постојано ја посетувам, ѝ носам лекови и витамини.
– Браво Црвенкапче, како и секогаш внучка си за пофалба! – искрено извика волкот, а потоа неискрено додаде – А куќата на бабичката, тука е некаде, зарем не? Поради годините, знаеш, малку подзаборавам, ама како да се присеќам дека беше во близина.
– Во право си – одговори итрото прасе – нема ни пет минути пеш до таму. Добро, поради твојата состојба, можеби некоја минутка повеќе. Оди право до ридот, па уште десетина чекори нагоре и ќе стигнеш до баба. Ама да знаеш, таа ја држи портата отворена да не се мачи.

– Токму тоа ми треба – се избрза волкот, па веднаш се поправи – Сакав да кажам, фала ти за убавиот разговор… До видување Црвенкапче, мило вкусно девојче. Имај убав ден.
– До видување и сѐ најдобро, волку.
И волкот, со наежено крзно (тоа не можеше да го прикрие), појде кон местото каде што треба да биде бабичката во куќа со отворена порта.
А итрото прасе, свиркајќи си весела песничка, отрча кај своите браќа за да им каже дека го испратило остарениот зол волк право во пештерата на големиот мечок, кој сигурно многу ќе се разлути кога волкот, неповиканиот гостин, ќе го разбуди од слаткиот зимски сон.