Меѓународен камп „Вики го сака живото наследство“

Викендов во одморалиштето Михајлово

Изминатиот викенд, поточно на 22, 23 и 24 септември, се одржа кампот „Вики го сака живото наследство“, во одморалиштето Михајлово на планината Кожув, во близината на Кавадарци. Овој меѓународен проект, кој трае цела година, е поттикнат од Сузана Онес од Хелсинки, Финска, која на отворањето на годинашното издание ги поздрави учесниците.
Всушност зад проектот стои здружението на граѓани „ГЛАМ Македонија“, а целта е зголемување на статиите и содржините на Википедија на македонски јазик на слободни теми, подобрување на постојните статии, како и обука на несигурните уредувачи.
Ова е петти камп за членовите на вики-клубовите, а прв од меѓународен карактер. Досега слични кампови се одржани во: 2017 г. во Берово, 2018 г. во Дојран, 2019 г. во Велес, во 2020 и 2021 година немаше настани поради пандемија и во 2022 г. во Трница.

– Станува збор за тридневен научно-образовен камп во кој учествуваат ученици, кои се ангажирани за создавање нови статии на Википедија на македонски јазик, како и за збогатување на постојните. Самиот камп, покрај главната цел, вклучува и посета на природните убавини и богатства во местото каде што се одржува, како и разгледување културно-историски знаменитости на тој крај. Дополнително, учесниците имаат спортско-рекреативни активности, а сето тоа е проследено со забава и дружење и развивање нови другарства и пријателства. Тема на овој петти по ред камп, кој е за првпат меѓународен, е: „Да го зачуваме нематеријалното наследство“, со што википедијанците се приклучуваат кон одбележувањето на 20-годишнината од Конвенцијата за заштита на нематеријалното културно наследство на УНЕСКО. Вики-кампот го поздравија Сузан Онес од Хелсинки, иницијаторка на проектот, м-р Ивона Опетческа Татарчевска, виша соработничка за фолклорни добра во Управата за заштита на културното наследство и Снежана Штрковска, претседателка на ГЛАМ – ни рече м-р Татјана Гогоска.

Вториот ден на вики-кампот, во саботата, го одбележаа две инспиративни предавања.
Лили Арсова од вики-клубот на Велес ги презентираше активностите на оваа тема во претходниот период од страна на велешките википедијанци. М-р Ивона Опетческа Татарчевска, пак, на учесниците им презентираше широк опсег на информации од овој дел на културното наследство, кои ќе бидат позитивен инпут во претстојното збогатување на Википедија на македонски јазик со статии на оваа тема.
Вики-кампот имаше и нови интересни содржини. На пример, како најуспешно да прикачите фотографија на вашите статии беше предавањето на проф. Игор Кузмановски, а за тајните на администрирање на Википедија зборуваше пред учесниците Никола Стојаноски, и двајцата од „ГЛАМ Македонија“.
Вики-кампот заврши во неделата, со преглед на напишаните статии и доделување сертификати на учесниците.

Ф.Д.