Осумнаесетта завршна изложба на млади таленти во галеријата „Ко-Ра“

Во големата сала на домот на култура „Кочо Рацин“ – Скопје, минатиот вторник беше отворена осумнаесеттата завршна изложба на дела изработени од членови на ликовното студио „Арс вивенди“, под менторство на академскиот сликар и ликовен педагог м-р Тони Шулајковски. Исто така беа доделени дипломи за учебната 2022/2023 година.

Во ликовното студиото „Арс вивенди“ членовите се изразуваат креативно користејќи различни ликовни техники. Оваа година на завршната изложба беа изложени дела работени во повеќе техники: акварел, темпера, акрил на платно, цртеж и дигитален цртеж.

„Насочи го сопствениот потенцијал во вистински правец“ е мото на студиото, кое осумнаесет години го покажува правецот на работата на ова ликовно студио.
– Тоа мото ни помогна на секој талент да му се посвети посебно внимание.
Кога се раѓаме ние сме бело платно или бел лист хартија, на кои секој може да наслика или да напише нешто, но најверојатно не е баш така, бидејќи со себе носиме информации што ни ги пренесуваат нашите предци. Нашата мисија е да го разбудиме целото знаење што децата го носат со себе доаѓајќи на овој свет, кое, пак, возрасните, сакаат да им го затрупаат. А тоа што децата го носат со себе е вредно за восхит и се надевам дека сите тука се задоволни од она што децата го изработиле – рече Дијана Петкова, проект-менаџерка на „Арс вивенди“.

Тони Шулајковски, пак, посочи дека како и на првата така и на оваа 18-та завршна изложба, сите цртежи носат своја индивидуалност.
– Секое дете има своја посебност и по тоа ова студио се разликува од другите студија. Има деца што доаѓаат 10 години по ред, а ги подготвувам и за упис во средно уметничко училиште, па и за Ликовна академија, што ми е особено драго. Постоиме веќе 18 години, значи полнолетни сме, и продолжуваме понатаму со истиот ентузијазам – изјави Тони Шулајковски.

Тој е наш познат и признаен ликовен уметник, кој досега реализирал 55 самостојни изложби, а учествувал на стотина групни изложби и бил дел од ликовни перформанси. Добитник е на голем број награди. М.Т.