Во медијатеката на локалната библиотека „Гоце Делчев“во Велес, во соработка со клубот на писатели „Коста Солев Рацин“, неодамна беше промовирана книгата „Детски мечти“ од велешката авторка Лила Арсова.
Промоторот на книгата проф. д-р Васил Тоциновски даде критички осврт кон содржината на книгата, топло им ја препорача на детските читатели и ѝ посака на авторката понатамошни успеси во идните нејзини творештва.
Детските емоции силно се чувствуваа од настапот на учениците од четврто одделение од ООУ „Блаже Конески“-Велес, под менторство на Лидија Атанасовска и Орданка Крстевска, кои имаа драмска изведба на расказите од текстовите „Црвената роза“ и Бубамарата бела“.
Ученици од петто одделени од ООУ „Васил Главинов“-Велес, под менторство на Елена Клемова, пак, одиграа драматизиран текст од расказот „Танцот на пеперутките“.
Промоцијата беше проследена од многубројна публика од ученици и граѓани, кои со внимание ги проследија драмските настапи и музичко-сценскиот настап на Бубе Лазов и беа воодушевени од оваа несекојдневна промоција.
Книгата „Детски мечти“ од Лилјана Арсова е вредносна и корисна лектира и за деца и за возрасни. Таа е прилог повеќе за „Малиот принц“, оти литературата не се дели според возраста на читателите, туку според естетските вредности на делото. Веруваме дека таа ќе биде примамливо четиво за добар ден или за добра ноќ. Книга што ќе се чита и препрочитува – велат од издавачката куќа „Дата песнопој“, која ја издаде оваа книга. М.Т.