ЕКОКАТЧЕ СО ВИКИ И СО ВЛАТЧЕ

Слезе јуни во градината, а летното ветре ги заниша црвените булки во житата. Дојде долгоочекуваниот летен распуст. Летните денови се долги, а Вики и Влатче имаат доволно време за нивните екоавантури.
Тетка Розе од првиот кат, секој ден откако ќе се врати од работа, оди зад зградата и таму си работи нешто… А што точно работи? Иако никој не се интересира многу, сепак се знае дека таа таму си има некое свое зелено катче, кое го уредува и го негува со љубов.
– Ене ја, тетка Розе пак оди во нејзината градина – рече Влатче.
– Сакаш ли да ја прашаме и ако ни дозволи да ѝ се придружиме? – праша Вики.
– Може, и јас тоа сакав да ти го предложам – одговори Влатче.
Наеднаш двете дечиња се стрчаа викајќи: „Тетка Розе, тетка Розе… почекај малку…“
Жената се за заврте и застана…
– Кажете дечиња… Треба ли да ви помогнам за нешто или пак нешто се случило?
– Не. Ние сакаме да дојдеме таму каде што ти секое попладне одиш да работиш и ако можеме да ти помогнеме нешто….
– Ах бре дечиња… веќе десет години ја уредувам мојата малечка градина и никој не ме прашал ни што правам таму, а камоли да сака да ми помогне… Многу ме израдувавте… Секако дека може да дојдете со мене. Ајде… – со насмевка рече тетка Розе.
Градината се наоѓаше точно зад зградата каде што живееја Вики, Влатче и тетка Розе. Беше оградена со зелена жива ограда, а по краевите веќе цветаа дивите ружи. Таа градина беше навистина минијатурна, но многу богата и живописна.
– Еве како што гледате имам десетина коренчиња домати, десетина пиперки, три краставици, една тиква, малку салата, мала леа со моркови и понекое цвеќенце. Бавча без невен и без џунџулиња не ја бидува – така велеше баба ми – објаснуваше тетка Розе.
– Тетка Розе, извини но ние многу, многу не се разбираме во различните видови градинарски растенија и цвеќиња, па дали ќе можеш да ни кажеш што е што – замоли Вики.
– Се разбира. Ова овде е домат. Сега гледате сѐ уште нема заврзано доматчиња, но од овие жолти цветови ќе настанат доматчиња, прво зелени, а потоа ќе црвенеат. Тоа до нив се пиперки. Имам и благи и лути. И кај нив можете да забележите само бели цветови засега. Краставиците, ете, веќе имаат малечки плодови. Нив малку порано ги насадив, а и таква им е сортата. А салатите веќе се при крај. Се сеат рано и сега се берат и се јадат… Тука се и младите перца на кромитчето и лукчето – одговори тетка Розе
– Лелеее колку е интересно да се учат разните видови растенија – воодушевено рече Влатче. А ќе може ли да ни кажеш нешто и за цвеќенцата, а тетка Розе?
– Тука нема многу цвеќиња, но ќе ви ги кажам видовите што ги има. Ова се џунџулиња, а ова се цинии или арапчиња како што ги викаа кај баба ми на село, до нив се кандилцата, а тука е и невенот. Булките и кантарионот се видови што сами никнуваат – рече таа.
А потоа тетка Розе почна да раскажува.
– Драги мои дечиња, драги Вики и Влатче, сета моја љубов кон градините ми е наследена од мојата баба, која живееше на село и имаше голема градина. Но ете, ние одамна го напуштивме селото и се преселивме в град… Оваа моја малечка урбана градина ја уредувам веќе неколку години со голема љубов кон растенијата. Да сум можела тогаш да одлучувам, никогаш не би ги напуштила селото и спокојот што тоа го нуди, големите дворови, бавчите, ливадите… Но ете, секој треба да се привикне на местото каде што живее и да гледа да го разубави, да го чува и да го облагородува…

Затоа ја направив оваа градина. Секој човек мора да знае дека подобро е да се прават мали чекори отколку ништо да не се прави… Оваа градина е малечка, но произведувам доволно колку за дома, зеленилото и боите им ги полнат очите на сите што ќе ја видат или посетат, земјата е благодарна што на неа растат растенија, црвите неуморно копаат, птиците и пчелите се чести гости, а јас сум бескрајно среќна поради сево ова, а особено денес кога и вие ми се придруживте. Секој нека посади барем едно дрвце или цвеќе, нека одгледа мала градина, тогаш целиот наш град би бил преплавен со зеленило, а улиците ќе мирисаат на цвеќе… Гледам дека вие сте деца што ја сакате природата и секогаш сте добредојдени во мојата градина… Ќе ви кажам сѐ што знам, а и без ништо да работите, вашето внимание и љубовта многу ќе им помогне на жителите на градината да бидат поубави и породни… – со голема љубов раскажуваше тетка Розе.

Додека не зајде сонцето Вики и Влатче беа во градината и додека гледаа, допираа и мирисаа, сигурен сум дека мечтаеја да имаат свое екокатче, своја барем малечка градина…


Еколошки календар

5 јуни – Светски ден за заштита на животната средина
8 јуни – Светски ден на океаните
15 јуни – Светски ден на ветровите
17 јуни – Светски ден на борба против опустинувањето и поплавите
21 јуни – Ден на Сонцето
21 јуни – Ден на Охридско Езеро
24 јуни – Светски ден на штрковите