Денеска завршува филмскиот фестивал за млади „Џифони Македонија“
Повеќе од 450 учесници од осум земји од 3 октомври до денеска беа дел од 12. издание на филмскиот фестивал за млади „Џифони Македонија“, кој се одржа во Скопје. На добропознатите локации за џифонците – Младинскиот културен центар, Кинотеката на Македонија и киното „Милениум“, тие уживаа во филмската магија, дискутираа, креираа уметност, беа дел од креативни работилници. Фестивалот беше отворен со проекција на италијанскиот филм „Последниот пат кога бевме деца“, во режија на комичарот Клаудио Бизио.
Петнаесет долгометражни филма во официјална конкуренција и четириесетина краткометражни и анимирани филмови беа распределени во три натпреварувачки категории според возраста на учесниците, односно јуниори (од шесто до деветто одделение), кадети (прва и втора година средно) и сениори (трета и четврта година средно).
– Почнавме скромно пред 12 години и брзо сфативме колку на децата и на младите им е важно да имаат ваков фестивал. Младите сакаат да гледаат филмови, да дискутираат, да им биде чуен гласот. Се радуваме што многу деца што пораснаа со нашиот фестивал продолжуваат да работат на полето на филмот – вели Дарко Башески, директор на фестивалот.
За Анастасија Јуруковска, која годинава е дел од организацијата на фестивалот и која има големо искуство на „Џифони“ и во Македонија и во Италија, една од најважните работи и придобивка на овој фестивал е што младите учат да се почитуваат, учат да не се судат меѓу себе.
– За мене „Џифони“ е огромно искуство и затоа денес волонтирам и сакам да помогнам да вратам и да им го пренесам моето знаење на новите генерации – вели Јуруковска.
Од филмовите што беа прикажани во рамките на фестивалот, учесниците можеа да учествуваат на дискусиите со режисерот на филмот „Сонце мамино“, Коста Ѓорѓевиќ, кој и пред неколку години учествуваше на фестивалот со неговиот прв филм. Гостинка беше и режисерката Грета Тортон од Ирска, со свој краток филм, а меѓу џифонци беше и македонскиот режисер Вардан Тозија, чиј филм „М“ беше прикажан во официјалната програма на фестивалот.
„Џифони Македонија“ секогаш се труди да прикажува најдобар избор на филмови за младата публика и што е можно повеќе филмови за млади од регионот, па така, годинава, покрај повеќето европски филмови, имаме играни филмови од Србија, Црна Гора и од Косово, а кратките филмови се од целиот свет.
Младинска филмска продукција
Работилниците се неизбежен дел од програмата и на 12. издание на фестивалот. Годинава се одржаа осум, а менторите беа етаблирани режисери, уметници, музичари, кои во текот на петте дена со младите учесници работеа на развивање на нивната креативност и имагинација.
Младинската филмска продукција е главната нишка на оваа конференција, па беа претставени разни младински иницијативи и работилници за снимање филмови од млади талент,и како „Докуникулци“ на фестивалот „Македокс“, работилницата „Тин док“ од фестивалoт „Интеракција“ од Србија, новата скопска филмска дружина „Аспирин продукција“, младата режисерка Грета Торнтон од Ирска, македонскиот јутјубер, креатор и музичар Иван Ајнштајн и др.
Публиката со овации го поздрави јутјуберот Иван Ајнштајн, кој снима филмови и музички видеа. Тој раскажа како почнал да снима уште како дете. Тој истакна дека сака да работи спонтано, зашто во видеата сака да внесе поинаква енергија. Според него, креативниот процес секогаш почнува со некаква искра, да замислиш и да визуализираш дека нешто може да влијае на луѓето. Тој сака да ја споделува својата уметност. Младите во публиката се интересираа како почнал да заработува и како јутјуберството му станало работа со полно работно време.
– Ако сакате да заработите од тоа, треба да се потрудите. Во мојот случај заработката не ми беше мотив. Ме побараа луѓе што сакаа да соработуваат со мене – рече тој.
Мрежата „Еду катс“ ги поврзува филмските фестивали и организации фокусирани на промоцијата и на имплементацијата на образованието и мобилноста на младите таленти. Таа е дел од проектот „Култура и креативност за Западен Балкан“, кој е поддржан од Европската Унија, а чија цел е да го зајакне дијалогот на Западен Балкан, поттикнувајќи ги културните и креативните сектори за зголемено социоекономско влијание.
Според Кенан Мусиќ, директор на „Сараево филмски фестивал за млади“, „Џифони“ е многу значаен за поддршка и насочување на млади таленти, за нивно откривање, вмрежување во мрежата „Еду катс“, а подоцна и за создавање нови филмски работници, кои полесно напредуваат.
– Некои од нив веќе аплицираат за снимање на своите први филмови – вели тој.
Не откажувајте се!
Во полната киносала во „Фросина“, во Младинскиот културен центар, на 5 октомври се одржа првата сесија од конференцијата „Еду катс толкс“ (Edu Cuts Talks), во рамките на 12. „Џифони Македонија“. На разговорот претходеше проекција на филмот „Моне“ од средношколецот Јон Будина од Албанија. Тој е првиот млад режисер што доби поддршка за снимање краток филм, во рамките на мрежата, која ги поддржува младите од Западен Балкан. Јон го сними својот дебитантски филм во текот на јули, со него конкурираше и веќе е примен на студии по филмска режија во Романија.
На конференцијата зборуваа директорот на „Џифони Македонија“, Дарко Башески, и претставници на мрежата од неколку земји од регионот – Слаѓана Петровиќ-Варагиќ од Србија, Мирза Ќустовиќ од Босна и Херцеговина и Енес Лекиќи од Косово.
Башески рече дека фестивалот постои заради младите луѓе што сакаат филмови и сакаат да растат и да се развиваат во оваа уметност. Сите може да се вклучат во работилниците или да дојдат во „Џифони Македонија“, каде што може да добијат посериозна опрема за да снимаат филм, поткаст или други содржини.
– Тука сме и можеме заедно да растеме. Најважно од сè е да не се откажувате. Заследувајте фестивали на интернет, аплицирајте на проекти. И да ве одбијат, не откажувајте се. Бидете упорни – рече Башески.
Ќустовиќ ја нагласи позитивната страна на вмрежувањето.
– Филмот е колективна уметност и ни помага да пораснеме како луѓе. А фестивалите се место каде што младите луѓе може да се запознаат, да се вмрежат, да се развиваат и да научат да бидат професионалци – вели тој.
Петровиќ-Варагиќ била на фестивалот лани, а годинава се враќа како партнерка во проектот „Еду катс“. Таа долго време работи во оваа дејност, но откако почнале да се вмрежуваат со фестивали од регионот и од светот, имаат значителен пораст. Летово во Ужице тие организираа работилница за документарен филм за 24 тинејџери од седум земји.
Во Приштина минатиот месец се одржаа уште две работилници на кои учествуваа млади од Македонија и од Косово, кои правеа кратки филмови.
Фестивалот ќе биде затворен вечерва, во киното „Милениум“, кога ќе бидат прогласени победничките филмови во сите натпреварувачки категории, но најважно за учесниците е што ќе се прикажат сите филмови и ќе се изложат сите фотографии, сториборди и цртежи направени од учесниците за време на фестивалот. М.Т.