Фото: „Нова Македонија“

Во библиотеката на Домот на културата во Македонски Брод

Писателот Саво Костадиновски во 2016 година ѝ донираше над 1.000 книги (литература за деца и за возрасни) на библиотеката во Домот на културата во Македонски Брод. Овој негов гест досега малкумина го повториле, но, сепак, оваа практика полека станува традиција и кај нас.

Саво е особено горд на фактот што неговиот легат од 1.128 книги досега е зголемен со уште двесте дела.
– Јас ја наследив домашната библиотека што почна да ја оформува мојот татко Сергеј Костадиновски. И така, лека, полека, се собраа 1.128 книги од исто толку македонски и автори од регионот, кои пишувале драми, проза и поезија. Бидејќи и јас сум по потекло од овој крај, поточно до селото Горно Ботуше, одлучив книгите да ѝ ги подарам на библиотеката во Домот на културата во Македонски Брод. Мојата љубов кон родниот крај, кон Порече, јас ја манифестирав и со издавањето книга поезија насловена „Со љубов за Порече и поречани“ – вели Костадиновски.

Донацијата што ја примила тогашната директорка на установата, Мила Стојческа, има почесно место во библиотеката, а означена е и со натпис.
– Се надевам дека оваа донација го зголеми интересот за читање книги меѓу членовите на библиотеката. Би било убаво оваа традиција да продолжи, а некои писатели, како што сум информиран, исто така донирале книги во своите родни места – посочи Саво Костадиновски.

Тој деновиве е во Скопје, но наскоро ќе замине во Германија, каде што долги години живее. Костадиновски е македонски и германски поет, раскажувач, патописец, писател за деца и возрасни, препејувач. Роден е на 30 мај 1950 година, а по катастрофалниот земјотрес во Скопје живее надвор од границите на Македонија. Во 1971 г. се доселува во Германија, завршува вишо техничко училиште во Келн, каде што од 1973-та постојано живее. Како дводомен автор пишува лирика и проза за деца и возрасни на германски и на македонски. Наградуван е и преведуван на повеќе јазици. Застапен е во избори, лексикони, антологии, кај нас и во Германија, како и во учебниците по македонски јазик за основното образование. Член е на Друштвото на писателите на Македонија и на Сојузот на германските писатели. М.Т.


Македонски Брод

Како да не се чудиш:
под планински свод,
никнал град убавина –
Македонски Брод!?

Гледај: тече Треска,
којзнае од кој век,
но брод нигде нема –
ни кајче за лек!

Блазе си им на жителите
негови,
на цел нивен род:
во светот се познати
како Брод – без никаков брод!

Саво Костадиновски