Црногорскиот филм „Планета 7693“ во режија на Гојко Беркуљан е најдобриот филм на 12-от фестивал „Џифони Македонија“ за јуниорите, македонскиот апокалиптичен трилер „М“ во режија Вардан Тозија е најдобар според кадетите, додека за сениорите – тоа е „Кога е… пролет е во воздухот“ (When F…Spring in The Air) на полскиот режисер Даниаел Сугавара.
Најдобар краток филм за јуниорите е „Последна генерација“, а најдобар ученички филм е „Весниците“ (The Newspapers).
Најдобар ученички филм за кадетите и сениорите е „Писмо што никогаш нема да го добиеш“ од Србија, најдобар анимиран филм е „Најсреќната планета“ (Lucky’s plan(e)t) на Марко Васиќ од Србија. Најдобар краток филм за кадетите е „Џебот на Чичолина“ (Cicciolina Pocket) во режија на Клаудио Казаѕа од Италија.
Најдобар краток филм за сениорите е „Човекот што не знаеше да молчи“ во режија на Небојша Слијепчевиќ од Словенија.
Режисерот Вардан Тозија ја прими наградата лично и особено му се заблагодари на жирито на „Џифони“, истакнувајќи дека особено му е драго што доаѓа од публика што критички и искрено ги гледа филмовите.
Во речиси двочасовна програма, џифонци во киното „Милениум“ на последниот фестивалски ден прикажаа што сработиле за само пет дена за време на работилниците на кои учествуваа – сликарската заедно со Дијана Томиќ Радевска, работилницата за филмска фотографија на Елена Бојаџиева Цветковска, работилницата за сториборд со Здравко Гиров и Давор Драмиќанин, за краток филм за јуниори со Саша Станишиќ, работилницата за краток игран филм со Филип Лафазановски и Илија Павлов, како и за краток документарец со Ханис Багашов и Марко Рикалоски.
Благодарение на нивното најголемо учество на фестивалот и активност, фестивалското жири ги избра четворицата нови учесници на „Џифони Италија“ што ќе бидат дел од светскиот фестивал в година. Тоа се: Војдан Андоновски, Галена Огненовска, Лука Чашуле и Мила Цветкова. Тие беа пресреќни за можноста.
Целата македонска делегација ќе биде формирана и по пат на дополнителни проекции на филмови и дискусии на кои со гласање на најактивните џифонци ќе бидат избрани уште осум учесници.
Ова издание на филмскиот фестивал за млади „Џифони Македонија“ беше богато со гости и интересни разговори, а тие беа обединети под конференцијата „Еду катс толкс“.