Фестивалот „Поточиња 2021“ викендов се одржа на летната сцена Школка во Скопје

По подолго време, поради ситуацијата со коронавирусот, а на голема радост на најмалите, детскиот фестивал „Поточиња“ на отворена сцена и пред публика го одржа своето 18-то издание. На големо задоволство на децата, оваа година фестивалот се одржа на 3 јули, на летната сцена Школка во Градскиот парк во Скопје, со почеток во 11 часот.
И навистина одамна не било толку шарено, разиграно и весело во скопскиот парк. Дечињата со интерес следеа што се случува на сцената, потскокнувајќи во ритамот на музиката.
За жал, годинава, организаторот „Пап продукција“, поради сѐ уште актуелната пандемија, морал да го ограничи бројот на деца учесници, кои, пак, со многу љубов, труд и посветеност учествуваа во новото издание.
На публиката ѝ беа претставени новите единаесет песни, а низ фестивалската приказна децата ги водеше популарната маскота „Поки“.
Влезот беше бесплатен, а фестивалот беше организиран во согласност со протоколите за заштита од ковид-19.
– Детската песна и смеа не смеат да престанат! Се гледаме на „Поточиња 2021!“ – порачаа организаторите.