Владо Димовски

Во зборуваме македонски за грешките во пишувањето на гласовите.
Да, драги мои, овие грешки ги најдов во книги, учебници, списанија. Сега ќе се обидам една од нив да ставам во една ваква ситуација. Митре и Митра малку се нервозни.
– Што? Јас сум ѝ подршка, а не ти! – потскокна Митре.
– Молам?! Не туку викај! Ќе те слушне некој и ќе умре од смеење – спокојно му врати Митра.
Толку од дијалогот. Сега го вадиме зборот „подршка“ напишан со едно „д“ и велиме дека се пишува со две „д“: поддршка. Обидете се и да го изговорите и притоа да се почувствуваат двете „д“. Ви текнува?!
Бидејќи разбрав дека сте биле добри и вредни, дека сакате да учите, како награда ви одбрав еден мој омилен афоризам. Вели вака: егото настрана – сериозно е!


Чувајте го јазикот!

„Јазикот е нашата единствена татковина“, велеше познатиот македонски писател и лингвист Блаже Конески. Но сведоци сме дека токму тој македонски литературен јазик, ние во последниве години не го чуваме, не го негуваме и надградуваме.
Драги деца, за да растете и вие читајќи и зборувајќи на стандарден македонски литературен јазик, во „Колибри“ објавуваме рубрика „Зборуваме македонски“, чиј автор е Владо Димовски, голем пријател на децата и наш познат писател за најмладите и автор на многу детски радио и телевизиски емисии со кои растеа многу генерации, меѓу кои една од најпопуларните беше серијата „Умни глави“ што ја емитуваше Македонската телевизија.
Е па, и бидејќи и вие сте умни глави, се надеваме дека серијалот што го започнуваме, ќе ви помогне да го зборувате македонскиот јазик без грешки, а така и да пишувате!