Целта на оваа платформа е да им се обезбеди простор на родителите и на децата за креативно изразување, простор ослободен од секојдневните грижи поврзани со коронавирусот, велат од „Меѓаши“

Платформа на „Меѓаши“ за деца, млади, родители и старатели, на тема „Заедно дома“

Поради вонредно настанатата состојба со коронавирусот, првата детска амбасада во светот „Меѓаши“ почнува платформа на тема „Заедно дома“. Темата на платформата е квалитетно поминато време со децата во услови на пандемија. Потсетуваме дека изолацијата поради коронавирусот е можност возрасните да поминуваат повеќе креативно време со своите деца. Важно е тоа време децата да почувствуваат дека се поддржани, полесно да ги сфатат информациите што ги слушаат, да се информирани соодветно на нивната возраст, но не и преоптоварени со сето она што се случува.
– Сакаме да поттикнеме споделувања на игри, учења, хумор, песни, цртежи, кратки видеа, фотографии… Да покажеме како може да се биде креативен и забавен иако се седи дома.

За таа цел, првата детска амбасада во светот „Меѓаши“ ја отвора групата на Фејсбук „Заедно дома“, со намера тоа да биде простор во кој децата, младите, родителите, старателите, како и други членови на семејството, ќе имаат можност да споделуваат креативни производи што може да се направат дома. Бидете креативни, трагајте и пронаоѓајте интересни и забавни активности за децата, развивајте ја детската имагинација со она што ви стои на располагање, односно со користење материјали што може да се најдат дома. Особено ги поттикнуваме детското учество, креации, идеи од децата за децата. Идеите треба да се иновативни, оригинални, креативни. Целта на оваа платформа е да им се обезбеди простор на родителите и на децата за креативно изразување, простор ослободен од секојдневните грижи поврзани со коронавирусот – велат од „Меѓаши“.

За сите деца и родители што сакаат да бидат дел од овој виртуелен креативен простор, еве неколку пораки:
– изразете се со ликовни креации, моделирање тесто, глина, пластелин или нешто друго или, пак, преку рециклирање (за што сѐ можете да го искористите потрошеното тетрапак-пакување од сок, на пример);

– направете иновативни проекти за функционални работи што може да се користат дома;
– претставете се со музичка точка или настап, а ние ќе запееме или танцуваме гледајќи ве;
– покажете ни какви вкусни и креативни рецепти умеете да приготвите (се разбира, мислиме на овошна салата или слично, кои децата знаат да ги направат најдобро);
– споделете ги со нас најоткачените друштвени игри што може да се измислени;
– напишете и споделете со нас поезија или состав во кои ќе уживаме додека ги читаме.
И додека децата ја креираат одбраната точка, вие, драги родители, забележете ги најинтересните моменти за да можат и другите да го видат процесот на креирање.
Креациите може да се поставуваат на платформата „Заедно дома“ на следниве адреси: Фејсбук (за родители со деца до 13 години), Инстаграм (за деца и за млади), Вибер и е-пошта.

По завршувањето на кризниот период со коронавирусот, родителите ќе можат да ги праќаат и по пошта авторските дела, за што дополнително ќе бидат информирани.
Право на учество на платформата имаат сите деца и млади од Македонија, но и иновативни возрасни што имаат корисни предлози и идеи за квалитетно користење на времето со децата и младите. Тие можат самостојно да поставуваат содржини на групата на Фејсбук, а децата помали од 13 години да користат фејсбук-профил или Инстаграм од родител. Секој возрасен што сака да учествува на конкурсот, може да се приклучи на фејсбук-групата, исто како и деца што се над 13-годишна возраст.
За испраќање преку е-пошта, да се испратат на [email protected], а на Вибер преку телефонскиот број 072 42 12 32. Потсетуваме дека е потребно да се наведат името на продуктот и името на авторот.

Сите пристигнати авторски дела ќе бидат одобрувани од страна на администратор. Видеата што ќе траат повеќе од три минути нема да бидат разгледувани, а содржините со говор на омраза и со насилство или други несоодветни содржини ќе бидат елиминирани. Во однос на степенот на изложување на идентитетот на детето, останува да одлучат самите родители, земајќи предвид дека некои од делата можеби ќе бидат објавени на интернет-страницата http://www.childrensembassy.org.mk.


Како да направите домашен пластелин

Состојки: 2 чаши вода (2 х 200 милилитри), 2 чаши брашно, 1 чаша сол, 1 лажица масло, 1 лимонтус.
Приготвување: се оставаат водата и маслото да зовријат, по што садот се трга настрана, се додаваат сувите состојки и сето тоа убаво се меша.

Смесата станува густа и леплива и додека е топла се меси и се дели на парчиња. Во секое се става боја (прехранбена или темперна). Пластелинот се чува во најлонски ќеси.