ТАЛЕНТИ

Лука Георгиески има само десет години, ама е вистински виртуоз со топката, со која почнал да другарува како седумгодишник. Негова најголема желба е да биде идниот Меси, а според досегашните резултати е на добар пат тоа и да му се оствари. Секаде каде што настапува реди успеси. Последен е неговото прогласувањето за најнадежен млад фудбалер за 2019 година.
– Веќе три години секојдневно тренирам фудбал во приватен фудбалски клуб во Прилеп. Досега сум учествувал на голем број турнири и натпревари низ Македонија, но и во Белград, Србија, и во Загреб, Хрватска. Таму бев избран за член на репрезентацијата Хедис, за играчи од генерацијата 2008 година – ни рече скромно Лука.

Со него се гордее и неговото 5 -2 одделение во ОУ „Климент Охридски“ во Прилеп, каде што Лука постигнува одлични резултати и во другиот дел од наставата.Талентот го наследил од својот чичко Благојче Георгиоски-Баче, кој пред многу години беше еден од најдобрите македонски фудбалери. Играше за прилепска Победа, како и за македонската фудбалска репрезентација, а бил дел и од екипата на белградска Црвена звезда.

Ова талентирано момче досега пет пати е избрано за најдобар играч во неговата генерација (2009). Тоа се случило на два турнири во Струмица (за Пандев-куп), на два турнири во Охрид (Ферплеј, од кои на едниот бил избран и за MВП на сите генерации) и годинава во Скопје, во рамките на Кул-куп. Исто така неговата екипа минатата година беше шампион на Македонија
Лука редовно учествува и на повеќе кампови и бил дел од подготовки за кои има голем број сертификати.