Креативно катче
Во организација на Амбасадата на Русија во Македонија

Во Музејот на македонската борба во Скопје, минатата среда, со почитување на епидемиолошките мерки, се одржа церемонијата на наградување на победниците во детскиот ликовен конкурс „Зимска приказна“, во организација на Амбасадата на Русија во Македонија. Во натпреварот, посветен на традициите на славење на Нова година и Божиќ, учествуваа над 320 деца од речиси сите македонски градови, кои испратија повеќе од 370 цртежи. На победниците им беа свечено доделени дипломи и подароци од страна на амбасадорот Сергеј Баздникин. Тој во своето обраќање кон победниците во детскиот ликовен конкурс „Зимска приказна“, посочи дека се радува што гледа толку многу талентирани млади уметници и што може да им ги додели заслужените награди на лауреатите.

– Учеството во натпреварот стана одлична можност да дознаете повеќе за историјата и значењето на овие празници. Поблиску да се запознаете со народните и семејните обичаи на нивното славење, кои се пренесуваат од генерација на генерација, и јасно да се убедите во духовното сродство на Русите и Македонците. Вашето учество, меѓу другото, ви отвори нови креативни можности, даде силни впечатоци. За натпреварот – веќе втор во организација на Амбасадата – беа испратени над 370 цртежи, во кои ги покажавте своите најдобри квалитети, ги изразивте во творештво најважните за сите без исклучок вредности на родниот дом, семејното огниште и верата. Ваквиот одзив – шест пати поголем од оној во првиот конкурс – ги надмина нашите очекувања и го претвори натпреварот во вистинскиот празник на уметноста. Штом ќе дозволат условите, секако ќе организираме и изложба на вашите дела – кои, патем речено, се претставени на фејсбук-профилот на Амбасадата – рече амбасадорот Сергеј Баздникин.

Тој дополни дека ваквите настани создаваат солидна основа за поврзување и заемно збогатување на двете култури, руската и македонската, за духовно единство на народите, што е важна компонента на соработката на меѓудржавно ниво – врз основа на еднаквост, заемно почитување и водење сметка за меѓусебните интереси. М.Т.