Во Спомен-куќата на Неделковски на денот на 77-годишнината од неговата смрт се одржа поетско читање на кое настапија неколкумина писатели од Велес, а им беа врачени признанијата на наградените ученици, кои учествуваа на литературниот конкурс

Поетесата Македонка Јанчевска (76), авторка на многу стихозбирки, учебници, професорка и членка на Друштвото на писатели на Македонија, е добитничка на наградата за животно дело „Коле Неделковски“. Признанието што годинава се доделува вторпат, на Јанчевска ѝ беше врачено на 3 септември во велешкото село Војница, на одбележувањето на 77-годишнината од смртта на поетот и револуционер Коле Неделковски, во рамките на манифестацијата „Навраќање кон корените – кон ликот и делото на Коле Неделковски“. Организатор е клубот на писатели „Коста Солев Рацин“ од Велес, на кој претседателка е Лила Арсова.
Во Спомен-куќата на Неделковски се одржа поетско читање на кое настапија неколку писатели од Велес, а им беа врачени признанијата на наградените ученици, кои учествуваа на литературниот конкурс.

Наградата „Коле Неделковски“ за најдобра песна ја освои ученичката Мартина Пешова од ССОУ „Димитрија Чуповски“ од Велес под менторство на наставничката Верица Николова. За ликот и делото на Неделковски, говореше проф. д-р Васил Тоциновски.
Беше отворена и изложба на сакрална и рурална архитектура од општините Чашка и Градско, објекти од Азот и Клепа – дела на Љупчо Данов.

Македонка Јанчевска е авторка на десетина книги за најмладите и е добитничка на наградите „9 Ноември“ на градот Велес, каде што живее и создава, и „Ванчо Николески“ за најдобра книга за деца. Таа е и една од најзаслужните личности за реномето и развојот на манифестацијата „Детски Рацинови средби“.

– Водилка при моето творење секогаш беа децата, нив најмногу ги сакам. Цел уметнички пат им го посветив ним, на моите ученици. Љубовта кон децата нема граници, не може со ништо да се споредува, таа е безгранична – вели Македонка Јанчевска.


Боите на полето

Зелена
како песна на детскиот смев,
како зборлива планинска река
е бојата на полето во април
така свежа и така мека.

Румено
како на залез пламнато небо,
како роза искапена во сончев сјај,
благо како срцето на лебот
е полето расцутено во мај.

Жолто
како златниот шепот на житата
како гранка расцутена дрен,
топло како милата мајчина дланка
е полето во јунскиот ден.

Македонка Јанчевска