За изложбите што се отворени последните неколку месеци во Центарот за култура во Кичево, покрај присутните на самото отворање, востановена е нова практика, да бидат посетени и од учениците заедно со нивните наставници. Така, и тие одблизу ќе бидат запознаени со умешноста во уметничкото творење на мајсторите на четките и боите и творците на просторната уметност.
– Со организирани посети сакаме и учениците што од разни причини не можат поединечно да ги посетат изложбите што гостуваат во нашиот центар, заедно со нивните претпоставени и со наши вработени, да ги разгледаат овие изложби и, ако им треба дополнително објаснување, да им биде разјаснето на самото место. Сметаме дека по овие посети учениците уште повеќе ќе го засакаат овој предмет и, самите ќе почнат да творат а добар дел од нив и ќе го потврдат својот уметнички талент – истакна директорот на Центарот за култура, Мазлам Османи.
Тој додаде дека овие изложби досега организирано ги посетиле ученици од две основни училишта, а со иста практика ќе продолжат и другите училишта во општината.
– Покрај учениците од две основни училишта од селата Јагол-Доленци и Грешница, кои деновиве беа наши гости, очекуваме по нивните стапки да тргнат и учениците од другите основни училишта од руралните средини, како и учениците од трите градски основни и двете средни училишта. Навиките тешко се менуваат, но ние ќе бидеме упорни и истрајни во намерата изложбите што гостуваат во нашиот центар да ги видат што поголем број граѓани и пред сѐ млади луѓе од градот и регионот – посочи Османи.
Покрај посета на изложбите, тој се залага учениците организирано да ја посетуваат и градската библиотека, каде што во една интеракција со вработените ќе ги променат навиките, што повеќе да читаат и да пишуваат и, на тој начин, да го валоризираат својот книжевен талент.