Средниот коридор може да им служи на Европејците еднакво добро како и Северниот контролиран од Русија

Нов рецепт за просперитет, стабилност и можности

Високофункционалниот среден коридор ќе ѝ овозможи на Европа да добие пристап до потпорни и разновидни синџири на испорака, сметаат Џејмс Џеј и Караано Силвиу Нате за „Нешенел интерест“

Специјалната воена операција на рускиот претседател Владимир Путин во Украина ги натера Европејците да се обидат да најдат алтернативни снабдувачи на природен гас и сериозно ги прекина синџирите за снабдување со стоки меѓу Европа и Азија. За да се намали зависноста од Русија и од Кина, како и зголемената веројатност за прекини од конфронтациите со една или со друга страна, Европејците сега мора да размислуваат надвор од рамката и да бараат нови начини за враќање на енергетската безбедност и диверзификација на меѓународните копнени товарни линии.

Една ветувачка алтернатива е да се спроведат извозните и енергетските врски преку Средниот коридор, кој води од Европа до Казахстан, Касписко Море, Азербејџан и Грузија, а оттаму, преку Црно Море, до Турција. Средниот коридор, официјално познат како Транскасписки меѓународен транспортен пат (ТИТР), може да им служи на Европејците еднакво добро како и Северниот коридор контролиран од Русија, кој до неодамна беше најпосакувана маршрута за железнички товарен превоз меѓу Европската Унија (ЕУ) и Азија.

Средниот коридор можеби никогаш нема да биде најевтиниот транспортен пат, но во сè побурниот свет, каде што диверзифицирањето на синџирите на снабдување го намалува ризикот, тој може да биде остварлив и исплатлив.

Кои се предизвиците?

Не постои царинска унија, заедничка тарифна координација или транснационална дигитална интеграција меѓу земјите од Средниот коридор. Ниту, пак, постои доволна инфраструктура за да се приспособи обемот на стоки со кои се ракува по северната маршрута. На пример, сегашната инфраструктура може да прими само околу пет отсто од интерконтиненталната железничка трговија. Понатаму, Средниот коридор е посложена маршрута. Потребни се центри за поморски трансфери за стоката да ги премине Касписко и Црно Море. Тоа несомнено ќе ги зголеми трошоците и ќе го продолжи времето на испорака. Но се постигнува напредок.

Кон крајот на март, Азербејџан, Грузија, Казахстан и Турција излегоа со заедничко соопштение за усогласување на цените на товарот и обезбедување унифицирана сајбер-платформа за автоматизирање на товарните услуги. Во мај, Турција и Казахстан потпишаа договор за стратегиско партнерство, фокусирајќи се на рамномерен превоз на вагони и контејнери по должината на Средниот коридор преку новата железничка мрежа Баку – Тбилиси – Карс. Конечно, со декларацијата од Баку од 27 јуни, Турција, Азербејџан и Казахстан се согласија дека овој транскавкаски транспортен коридор ќе има корист од поголемата царинска соработка и пристапниот транзит на стоки по маршрутата на Средниот коридор.

Регионалните сили и влијанието на коридорот

Турција игра централна улога во геополитичката равенка на Средниот коридор, која го проширува своето влијание во Централна Азија по втората војна на Азербејџан во Нагорно-Карабах. Географската положба на Азербејџан ги фаворизира проекциите на Анкара за зајакнување на меѓусебната поврзаност на Кина со Европа. Сепак, и Русија и Иран сè уште имаат поголема економска и воена моќ над централноазиските држави од Турција. Според тоа, постсоветските централноазиски држави што се плашат од Русија се желни да ги диверзифицираат своите странски партнерства. Комунистичка Кина секогаш е желна да ги прошири своите економски мрежи.

Традиционалниот пат на свилата никогаш не бил статичен коридор, а модерна Кина е уште поамбициозна под власта на претседателот Си Џинпинг. Флуидната природа на кинеската надворешна политика поттикнува инвестиции во алтернативни трговски патишта, приспособување на можностите и избегнување геополитички опасности. Како последица на тоа, иницијативата „Појас и пат“ е динамична. Доколку Пекинг се потруди да го развие Средниот коридор, државите од Централна Азија и Јужен Кавказ може да станат зависни од Кина, бидејќи влијанието на Русија ќе ослаби.

Сепак, сè додека Русија може да има геополитичка контрола над регионот, Кина ќе дејствува претпазливо. Таа сака да остане во добри односи со Москва. Поради оваа причина, Си ќе следи двојна политика, односно да го одржува економското и политичко пријателство со Владимир Путин, додека истовремено ја искористува зафатеноста на Русија со украинскиот конфликт за да ги унапреди своите интереси во Централна Азија.

Каде е Западот во равенката?

Западот не смее само немо да набљудува. Земјите од Средниот коридор се скептични за намерите на Кина и тоа може да обезбеди нови можности за партнерство за САД и за Европа. Нејасно е до кој степен некои европски економии го доживуваат Средниот коридор како можност. Но иницијативата за три мориња бара поголема американска и европска посветеност за да биде контратежа на кинеската геоекономска офанзива и да го поврзе Кавказот со Западот.

Клучно за Европа е значајните инвестициски и инфраструктурни проекти да имаат цел да ги отстранат геополитичките ранливости, наместо да ги акумулираат. Пред избивањето на украинскиот конфликт, ЕУ ја објави својата намера да ја прошири Трансевропската транспортна мрежа (ТЕН-Т) кон земјите од Источното партнерство. Главната цел беше да се развијат транспортните капацитети на Грузија и на Азербејџан. Во својот економски и инвестициски план од јули 2021 година, ЕУ додели финансиска помош за зајакнување на дигиталниот транспортен коридор во Касписко Море и поврзувањето со Црно Море.

Романија е стратегиски партнер на САД и се покажа како сигурен и активен сојузник на источното крило на НАТО. Со поддршка од Западот за зголемување на своите железнички и патни капацитети, Романија би можела да стане клучен трговски и воен центар на Црно Море, поврзувајќи ги Кавказ и Украина со остатокот од Европа. Обновата на Украина по конфликтот, координирана во рамките на иницијативата за три мориња, би можела да го интегрира функционалното јадро на Европа, од Полска преку Романија. Тоа ќе ја зајакне регионалната безбедност и ќе ја промовира економската и политичката стабилност меѓу Црно и Балтичко Море. Тој напор, поврзан со работа за „слободно и отворено“ Црно Море и високофункционален среден коридор, ќе ѝ даде на цела Европа отпорни и разновидни синџири на снабдување. Тоа е рецепт за просперитет и стабилност и можност што Западот не треба да ја пропушти.