Богатите Европејци водата за пиење ја трошат за полнење на своите базени за време на суша во летната сезона - Фото: ЕПА

Нерационално трошење вода во Европа

Речиси една третина од Европејците се погодени од недостиг од вода, според Европската агенција за животна средина. Тоа се очекува да се влоши бидејќи сушите стануваат почести и поинтензивни со климатските промени. Студијата објавена во списанието „Нејчр“ покажа дека „неодржливата употреба на водата од страна на богатите елити може да ги влоши урбаните водни кризи барем исто колку и климатските промени или растот на населението“. Тоа ја прави промената на потрошувачките навики приоритет за областите опфатени со суша, пишува „Политико“

Кога градоначалникот на германскиот град Кенигштајн, Лудвиг Хелм, првпат слушнал дека една вила во неговиот град троши 80.000 литри вода дневно, што е 625 пати повеќе од дневната просечна потрошувачка на едно домаќинство во Германија, тој мислел дека мерачот е дефектен, но всушност не било така. Богатиот град Кенигштајн, кој се наоѓа на пошумените падини на Таунус, планински венец во близината на Франкфурт, Германија, има околу 98 луѓе со годишни приходи над еден милион евра меѓу неговите 16.700 жители. Тие домаќинства драстично ја зголемуваат потрошувачката на вода, прекршувајќи ги ограничувањата насочени кон заштита на снабдувањето со вода за пиење додека регионот се бори со сушата.
Градоначалникот истакна дека потрошувачката на вода, всушност, била целосно неограничена во некои случаи. Тој критикуваше дека граѓаните како целосно да заборавиле дека во Германија има различни климатски услови.
Како што се намалува нивото на подземните води во регионот околу Кенигштајн, Хелм го ограничи времето кога жителите можат да ги наводнуваат своите градини или да ги полнат базените, во обид да се погрижи дека градот нема да остане без вода за пиење. Но, тие мерки не функционираат, како што рече тој, најмногу затоа што богатите жители ги игнорираат, а локалните власти немаат капацитет да ги спроведат правилата.

Сè пониските нивоа на подземните води предизвикуваат сушење на локалните потоци и реки, според Томас Норгал, заменик-управен директор на филијалата на Хесен на германската невладина организација БУНД. Наспроти тоа, високата потрошувачка на вода од богатите домаќинства исто така почнува да создава тензија меѓу жителите и предизвикува загриженост во околните градови, кои се плашат за сопственото снабдување со вода.

Не е проблем само Германија

Сè поголем број општини низ Европа се соочуваат со слични проблеми во услови на силна суша што го зафати континентот од 2018 година. Општината Шатонеф-Грас во близината на францускиот град Кан се најде на насловните страници на почетокот на оваа година, откако беше кажано дека богатите сопственици на куќи, од кои повеќето се странски државјани, трошеле повеќе вода за една недела отколку повеќето жители на општината за една година. Други 120 општини низ Франција во моментов се борат за пристап до вода за пиење.

Фрустрирани, локалните власти и невладините организации ги повикуваат националните влади и Европската Унија (ЕУ) да помогнат во контролата на побарувачката на вода со мерки што се движат од преиспитување на системите за цените на водата до преструктурирање на начинот на дистрибуција на водата за пиење помеѓу станбените домови, индустријата и земјоделството. Со драматично зголемување на цените на водата штом домаќинството ќе потроши одредено количество, како што тврди Хелм, ќе стане јасно дека овој вид прекумерна потрошувачка едноставно не е нормална.

Огромна загуба

Речиси една третина од Европејците се погодени од недостиг од вода, според Европската агенција за животна средина. Тоа се очекува да се влоши бидејќи сушите стануваат почести и поинтензивни со климатските промени. Студијата објавена во списанието „Нејчр“ покажа дека „неодржливата употреба на водата од страна на богатите елити може да ги влоши урбаните водни кризи барем исто колку и климатските промени или растот на населението“. Тоа ја прави промената на потрошувачките навики приоритет за областите опфатени со суша.

Но тоа е и структурен проблем, според истражувачите и еколозите. Поправањето на тоа ќе бара фундаментално преиспитување на потрошувачката на вода и нагласување на заштедата на вода многу повеќе.

Некои регионални политичари се согласуваат и бараат промени. Елизабет Кула, претседателка на екстремно левичарската партија во регионалниот парламент на Хесен, во јунската парламентарна дебата рече дека „вредната вода за пиење“ се троши во „тоалетите и во базените за богатите“. Како дел од нејзината национална стратегија за вода усвоена во март, Германија рече дека сака да ја заштеди водата за пиење со интегрирање на дождовницата во водните системи за употреба што не се за пиење.

Како што стануваат сè поочигледни недостатоците во сегашните системи за управување со водите, повиците до ЕУ да преземе акција стануваат сè погласни. Брисел има голем број правила за заштита и управување со слатководните ресурси, вклучувајќи го и главниот закон за вода за пиење.

Но, постојните алатки остануваат поделени и не се добро интегрирани во сите политики на ЕУ, според Европскиот економски и социјален комитет (ЕЕСЦ), тело што ги претставува граѓанските организации и ги советува европските институции. ЕЕСЦ во октомври треба да ги претстави предлозите за Синиот договор на ЕУ, како одраз на плановите за зелена транзиција на блокот.

Приоритет на европско ниво

Европската комисија тврди таа треба да започне да се занимава со водата како приоритет на европско ниво. Според Флоријан Марин, романски член на ЕЕСЦ, развивањето пристап на ниво на ЕУ во кој посебно ќе се третираат цените на водата е од клучно значење за справување со недостигот од вода. Тој тврди дека водата треба да биде слободна за трошење до одреден праг, по што ќе може да се применуваат посебни тарифи.

Приватните домаќинства исто така треба да имаат корист од пониските цени од другите сектори, како што е индустријата, според Марин.

Во повеќето земји, вклучувајќи ги и Германија и Франција, индустриите за пијалаци имаат тенденција да плаќаат многу помалку за вода за пиење отколку приватните домаќинства, и покрај тоа што трошат многу поголем дел.
– Но, Брисел исто така треба да развие стандарди за секој сектор – вклучувајќи ги и приватните домаќинства – за да го регулира користењето на водата – додаде Марин, нагласувајќи дека водата за пиење не треба да се користи за полнење базени.

Пратениците на ЕУ исто така изразија поддршка за стратегијата за вода во целиот блок.