Доверлив ревизорски извештај предупреди на значителен ризик од пречекорувања на буџетот, велејќи дека оваа есен треба да се донесат тешки одлуки за да се ограничат трошоците за ЛОИ. Стравовите за недостиг во финансирањето, безбедноста и персоналот се закануваат да фрлат сенка врз овој важен настан и националниот триумф за претседателството на Емануел Макрон, пишува Џон Хенли за „Гардијан“
Се нижат проблеми за организаторите на Олимпијадата во Париз
Речиси две години пред почетокот на церемонијата за отворање на Летните олимписки игри (ЛОИ) во Париз, организаторите, наводно, се силно загрижени за безбедноста, финансиите, локацијата и персоналот што би можеле да го одземат сјајот од ветениот „национален триумф“ на претседателот Емануел Макрон. Реформистичкиот француски претседател, кој имаше состанок со клучните министри за извештајот за напредокот, лично се заложи за успехот на Игрите, откако енергично ја поддржа кандидатура на градот да ги организира првпат по еден век, гледајќи го тоа како можност да го прикаже најдоброто од модерна Франција.
Организаторите ветуваат дека ќе испорачаат нов стандард за меганастани со, како што велат, „најсериозните, партиципативни и одржливи“ Олимписки игри досега, благодарение главно на употребата на постојните локации со висок квалитет и релативно скромните осум милијарди евра одвоени од буџетот. За споредба, Олимпијадата во Лондон во 2012 година беше поскапа, а минатогодишните презакажани ЛОИ во Токио имаа уште поголем официјален буџет.
Безбедносни предизвици за организаторите
Извештаите на француските медиуми и неодамнешното финансиско ажурирање сугерираат дека можеби нема сè да тече по планот за Олимпијадата во Париз, која се очекува да привлече околу девет милиони обожаватели, 25.000 новинари и 14.000 натпреварувачи од 206 земји во француската престолнина. Главна меѓу грижите на организаторите е безбедноста, со тековните планови за церемонијата на отворање на 26 јули, која вклучува високоризична водна екстраваганција во која спортистите и националните делегации ќе пловат по Сена со 162 отворени чамци, а ќе ги следат 600.000 гледачи од бреговите на реката.
Според „Ле монд“, единствениот безбедносен предизвик на церемонијата на отворањето веќе им дава создава проблеми на организаторите. Поранешен началник на полицијата рече дека станува збор за „ризичен потег“ и дека безбедносните проблеми се „далеку од решени“. Весникот „Ле журнал ду диманш“ пренесе дека безбедносните одредби за церемонијата вклучуваат полициски нуркачи, тимови за расчистување мини, ангажираност на специјалните сили и „особени напори околу контролата на воздушниот простор на градот за да се спречат напади со беспилотни летала“. Гај Друт, кој освои златен олимписки медал во 1976 година во дисциплината 110 метри со пречки и е член на Меѓународниот олимписки комитет од 1996 година, ја критикуваше церемонијата како непотребно ризична. Емануел Грегоар, заменик-градоначалник на Париз, инсистираше на тоа дека „не е претерано загрижен, но, зборувајќи како некој што лично видел тела на улиците на Париз по терористичките напади од 13 ноември 2015 година, би бил претпазлив“.
Лекции од финалето од Лигата на шампионите во фудбал
Пошироките безбедносни прашања беа исто така ставени во фокусот на хаотичните сцени од финалето на Лигата на шампионите во мај помеѓу Ливерпул и Реал Мадрид пред стадионот „Стад де Франс“, кој ќе биде клучното место за ЛОИ, каде што полицијата беше принудена да употреби сила и солзавец главно против навивачи на Ливерпул што имаа валидни билети. Извештајот на француската влада ги истакна повеќекратните неуспеси во управувањето со публиката на натпреварот, несоодветната комуникација меѓу операторите на јавниот транспорт и полицијата, како и недостигот од соодветни маршрути.
Министерот за внатрешни работи, Жералд Дарманин, вети дека „ќе се извлечат поуки“ од фијаското, но инсистира дека проблемите со организацијата на публиката на Олимпијадата се „многу различни од оние на фудбалски натпревар“, додавајќи дека на „Стад де Франс“ се организирале големи спортски настани и концерти 15 години без сериозен инцидент. Сепак, беше поздравено пензионирањето на контроверзниот началник на париската полиција, кој беше задолжен за јавниот ред во финалето на Лигата на шампионите и чиј тежок пристап кон безбедноста долго време беше критикуван како прекумерен. Дидие Лалемент беше заменет со Лоран Нуњез, близок соработник на Макрон, кој претходно работел како висок полициски администратор во Париз, началник на полицијата во Марсеј и национален координатор на француската антитерористичка разузнавачка служба.
Недостиг од градежни материјали
Безбедноста не е единствената грижа на организаторите. Последиците од конфликтот во Украина предизвикаа недостиг од основни градежни материјали за изградба на олимпиското село, додека неконтролираната инфлација се заканува да го попречи буџетот на настанот од осум милијарди евра. Доверлив ревизорски извештај предупреди на значителен ризик од пречекорувања на буџетот, велејќи дека оваа есен треба да се донесат тешки одлуки за да се ограничат трошоците за ЛОИ. Извештајот заклучи дека „потребите за финансирање се очигледно повисоки во однос на можностите што ги нуди севкупниот расположлив прилив на приходи и резервни средства за непредвидени околности“, истовремено предупредувајќи за „претстојните буџетски тензии“.
Според француските медиуми, меѓу другите грижи е бавното напредување на преговорите за неколку локации, иако генерално ќе се користат постојните, кои им се отстапени на националните спортски федерации. Во меѓувреме, привремените објекти за натпревари, вклучувајќи бокс, стрелање и јавање коњи, чинат повеќе од предвиденото, а местата за неколку натпревари во кошарка, ракомет и одбојка мораа да се сменат. Ревизорскиот извештај недвосмислено предупреди дека некои од амбициите на организаторите „ќе мора значително да се намалат“ со напуштање „одредени проекти, кои можеби не се сметаат за основни за реализација на настанот“. Ниту, пак, организациониот комитет на Париз го обезбеди последниот од шесте главни корпоративни спонзорства што ги има предвидено.
Исто така, постои загриженост дека со недостигот од работна сила, за Олимпијадата во Париз ќе биде проблем да се ангажира доволно персонал, вклучувајќи 22.000 безбедносен персонал и 1.500 возачи на автобуси. Поранешниот шеф на синдикалната федерација на ЦГТ, Бернард Тибо, порача дека овие проблеми треба итно да се решат. Претходно, претседателот на организацискиот одбор, тројниот олимписки шампион во кану, Тони Естанге, истакна дека проектот секојдневно се соочува со предизвици, земајќи ги предвид двете години од пандемијата и украинската криза.