Се остварува амбициозниот план „Г-60 старлинк“
Првата низа сателити што ќе бидат дел од предвидената кинеска констелација на интернет-сателити е успешно поставена од страна на компанијата „Шангај спејском сателитска технологија“ (СССТ), во сопственост на кинеската влада. Низата сателити се во рамките на поголема мрежа што има цел да обезбеди пристап до интернет речиси секаде низ светот. Лансирањето се случи од центарот „Таијуан“ во провинцијата Шаншји во источна Кина. Иницијативата е дел од планот на СССТ познат како „Г-60 старлинк“. Тој беше претставен минатата година со цел да испрати околу 15 илјади сателити во ниската орбита на Земјата.
Нискоорбитните сателити нудат економични и ефикасни способности за пренос во споредба со сателитите во повисоките области. Тие се движат на надморска височина меѓу 300 и 2.000 километри над површината на Земјата. Предвидено е годинава да бидат поставени вкупно 108 сателити, а до крајот на идната година вкупно 648 такви уреди. Зададена е цел за воспоставување глобална мрежна покриеност до 2027 година. Амбициозните планови на СССТ, исто така, се доказ за посветеноста на Кина да стане главен играч во подрачјето на ниската орбита на Земјата.
Ваквиот проект би можел да претставува соперништво на американската сателитска мрежа „Старлинк“ на „Спејс екс“, чиј сопственик е Илон Маск, што денес има монопол во оваа индустрија и технологија. „Старлинк“ моментно има околу 5.500 сателити во орбитата и обезбедува интернет-услуги за илјадници корисници во САД.