Кина планира изградба на констелација од нискоорбитни Земјини сателити, а првото лансирање ќе се случи во септември, дознава „Глобал тајмс“ од Кинеската вселенска научна и индустриска корпорација (ЦАСИЦ)
Кога се зборува за многу ниски Земјини орбити, тоа се однесува на височини од 150 до 300 километри оддалеченост од Земјата. Во споредба со традиционалните орбити, сателитите што летаат на многу ниска Земјина орбита изискуваат помали трошоци за истражување и развој и имаат поголема ефикасност во собирањето и преносот на информации. Ова овозможува сериско производство на сателити, како и зачестено лансирање. Да ги земеме за пример апликациите за далечинско сондирање. Имајќи предвид дека перформансите на резолуцијата се исти, сателитите на многу ниска орбита на Земјата имаат многу помала тежина и цена. Тие имаат способност за брза реакција на природни катастрофи и други вонредни ситуации, стекнувајќи се со слики со висока резолуција за краток временски период, со што се подобрува способноста за собирање информации.
Оттука, овие сателити имаат голема применлива вредност и одличен потенцијал.
– Во денешниот свет, конкуренцијата во областите наука и технологија станува сè посилна. Во својот 14-ти по ред Петгодишен план (2021-2025), Кина предлага изградба на вселенски инфраструктурен систем на далечина, со глобална покриеност и ефикасна работа – изјави за „Глобал тајмс“ Сонг Сијаоминг, член на Националниот комитет на Кинеската народна политичка консултативна конференција и раководител на Вториот институт на ЦАСИЦ.
За да ја постигне својата цел, ЦАСИЦ ќе изгради сателитска констелација во многу ниска орбита на Земјата, со што ќе го постигне нивото на перформанси што ќе им парира на традиционалните орбитални сателитски системи, притоа нудејќи пониски трошоци и побрзи реакции. Наедно, ЦАСИЦ ќе ја потпомогне изградбата на сателитската констелација по пат на брзо сериско производство и зголемени можности за лансирање.
„Глобал тајмс“ дознава дека првиот сателит од серијата ќе биде подготвен за лансирање во септември. Тој ќе верификува и ќе демонстрира клучни технологии, како што се лет низ многу ниска Земјина орбита, сликање на Земјата со висока резолуција, интелигентна обработка, како и директна трансмисија на информации до корисничките терминали.