Откако Уставниот суд на Јужна Кореја го поништи долгогодишниот и рестриктивен закон за абортус, земјата има рок до крајот на годината да изработи нови правила за жените што сакаат да ја прекинат бременоста. Законот предложен неодамна предвидува легализирање на абортусите до 14-та недела од бременоста без потреба од наведување одредена причина или медицинска потреба.
Светска мапа на закони за абортус со податоци од Центарот за репродуктивни права покажува дека Јужна Кореја е една од ретките развиени земји во светот што сè уште го криминализира абортусот.
Пред речиси две години, Ирска исчезна од листата откако почна да дозволува абортус без ограничување од одредена причина по успешниот референдум. Претходно, Ирска имаше едни од најстрогите закони за абортус во светот.
Исланд исто така го смени својот закон и дозволува абортуси „на барање“ (без специфични причини) од почетокот на септември 2019 година. Западноафриканската земја Гвинеја-Бисао почна да дозволува абортуси без потреба од наведување специфични причини во изминатите две години. Етиопија, Руанда, ДРК и Централноафриканската Република исто така ги ублажија законите за абортус. Лани, Нов Зеланд и Кипар почнаа да дозволуваат абортус без ограничување од одредени причини.