Пандемијата постојано се менува, но човештвото може да се води според неколку принципи во однос на тоа што да очекува во иднина, пишуваат Кетрин Џ. Ву, Ед Јонг и Сара Џанг за „Атлантик“
Колку светот е подготвен за новите мутации на коронавирусот
Речиси две години светот веќе знае како да живее со ковид-19 и се навикна на неговото присуство, но тоа може да резултира и со висока цена. Меѓутоа, вирусот има капацитет да нè изненадува, особено кога не внимаваме. Тој постојано го менува генетскиот код, што води токму до нова закана, па така се одолжи и крајот на пандемијата. Дали вакцините дејствуваат како што впрочем е и нивната цел? Која категорија на граѓани сега е најранлива? Какви нови мутации ќе се појавуваат во иднина? Изминатото лето и есента открија нови грижи за пандемискиот живот.
Промена во улогата на вакцините
Вакцините против ковид-19 првично беа наменети да спречуваат тешки инфекции, но од самиот почеток експертите предупредуваа дека тешко оди имунизацијата против респираторните болести. На пример, вакцините против сезонски грип се само од 10 до 60 отсто ефикасни за спречување на развивањето симптоми. Ако вакцините против ковид-19 даваат сличен ефект, тогаш тие би спречиле хоспитализации и смртни исходи, но вирусот, сепак, ќе циркулира меѓу населението. Затоа, повторно мора да ги промениме очекувањата. Вакцинацијата на што поголем број луѓе во најкраток можен рок сепак е најмоќниот начин за контрола на вирусот, како што се гледа од досегашниот ефект.
Уделот на вакцинирани е важен, но и нивното групирање
Делта-сојот предизвика повеќе бранови на зарази дури и во земјите со највисока стапка на вакцинација, но, генерално, хоспитализациите беа поумерени. Според британските здравствени власти, вакцините го промениле соодносот меѓу инфекциите и хоспитализациите, што повторно укажува на ефикасноста на вакцините. Но во САД имаше поинаква слика, иако нешто повеќе од 54 отсто од населението таму е целосно вакцинирано. Разликата меѓу Велика Британија и САД не е во помалата стапка на вакцинација кај Американците, туку тоа што е мала стапката на имунизација кај ранливите категории што имаат тенденција да се групираат почесто. Ризикот од смртност и хоспитализација од ковид-19 драстично се зголемува со возраста, додека во Велика Британија речиси сите над 65 години се вакцинирани.
Здравствен приоритет за ранливите категории на лица
Од почетокот на пандемијата, вакцините го променија ризикот што го претставува вирусот на ниво на заедница. Први што ги примија вакцините беа постарите лица и здравствените лица, но помладите членови на заедницата мораа да чекаат, а производителите на вакцини сè уште ги одредуваат точните дози за најмладите. Сето тоа го префрли товарот на вирусот на невакцинираните деца. Децата сè уште се релативно поотпорни на коронавирусот во споредба со возрасните, но делта-сојот, кој е високозаразен, стана поголема закана за сите невакцинирани, па, така, и за најмладите. Релативниот ризик ќе продолжи да се менува, дури и ако вирусот некако престане да мутира и да станува статична закана. Нашата имунолошка одбрана против коронавирусот ќе се намалува со текот на годините, водејќи се според имунизацијата против слични вируси. Понатаму ќе се менуваат и категориите на граѓани што ќе бидат најтешко погодени од вирусот, како и оние што воопшто ќе се разболуваат.
Инфекциите кај имунизираните ќе растат?
Ако вакцините се ефикасни, тогаш зошто се заразуваат и имунизираните? Иако вакцинираните имаат многу помали шанси да се разболат од невакцинираните, сепак тие сочинуваат одреден дел од вкупните регистрирани случаи, хоспитализации и смртни случаи, бидејќи расте нивниот удел во заедницата, а со тоа и инфекциите. Ако 20 отсто од луѓето се целосно вакцинирани, од нив девет отсто ќе се заразат. Ако сликата е сосема поинаква, односно ако 20 отсто се невакцинирани, тогаш целокупно ќе има низок број на заразени. Како што ќе растат брановите, така ќе се зголемува и бројот на заразени, што значи дека ќе расте и бројот на пробивни инфекции. Дури и ако процентот остане стабилен, сепак, вакцините ќе стануваат помалку ефикасни ако се дозволи пандемијата да излезе надвор од контрола.
Мутациите и натаму опасни
Во текот на пандемијата, набљудувачите ги минимизираа различните ризици, затоа што тие беа „ретки“, како смртноста, долгиот ковид, мултисистемскиот воспалителен синдром кај децата и слично. Но инфективните болести се шират и ако тоа се случи доволно брзо, исклучоците може да се јавуваат многу почесто. Многу аспекти на мистеријата на ковид-19, како опсегот на симптоми и засегнатите органи, можноста за постојана болест и повторната инфекција, се вообичаени за другите вирусни заболувања, но остануваат незабележани, бидејќи повеќето болести не го зафаќаат светот за краток временски период. И таа процена ќе се промени како што пандемијата ќе се намалува и опаѓа, бидејќи и самиот вирус ќе продолжи да мутира.
Неопходна глобална стратегија за вирусот
Идеалната стратегија, од перспектива на вирусот, може да изгледа драстично различно за популација со поголем имунитет. Силните и брзи имунолошки одговори ќе ја спречат брзината на ширење на вирусот. Меѓутоа, целта на вирусот сепак е тој да се шири само преку различни начини. Мутациите што го прават помалку видлив ќе му помогнат да се задржи подолго во организмот и да се пренесе на повеќе лица во процесот. Како што светот постепено стекнува имунитет, делта сојот ќе добива свои наследници. Но, овие транзиции најверојатно ќе се случуваат со различни стапки во различни држави во зависност од тоа кој ќе има пристап до вакцини. Но сите мутации имаат свои слабости. Тие можат да се спречат со комбинација на заштитни мерки, како вакцини, маски, физичка дистанца и патни рестрикции. Кога вирусите брзо се шират, тие тешко се контролираат, но тие не можат да постојат без нас и затоа е многу важно нашето однесување.
Подготвиле: Дејан Србиновски; Билјана Здравковска