Данска одлучи да им плати 13,3 милиони долари на заедниците погодени од климатски катастрофи во места како што е африканскиот регион Сахел

Богатата земја реши да го сруши табуто кога станува збор за решавање горлив светски проблем

Таа е првата држава-членка на Обединетите нации што понуди директна исплата на готовина за заедниците што најмногу се погодени од штетите предизвикани од климатските промени, истакнува Карл Матисен за „Политико“

Иако не станува збор за многу пари, но одлуката на Данска да плати 13,3 милиони долари на заедниците погодени од климатски катастрофи во области како што е африканскиот регион Сахел го скрши табуто до кое со децении се држеа најбогатите земји во светот.

Досега, богатите земји се спротивставуваа на чекорите што ги принудуваа да собираат пари за обнова на заедниците и животите уништени од поплави или бури, или да го компензираат економскиот удар од сушите. Тие беа загрижени дека на тој начин ќе им се отвори патот кон речиси неограничена законска одговорност да плаќаат за климатските штети предизвикани од нивните емисии, кои датираат од индустриската револуција на јаглен. Ова прашање отсекогаш беше трн во око за време на глобалните разговори за климатските промени и се очекува да доминира во дискусиите на климатската конференција КОП27, која ќе се одржи во ноември во Египет.

Но неодамна, Данска стана првата членка на Обединетите нации (ОН) што понуди директна готовина за заедниците погодени од климатските промени. И покрај тоа што големината на компензацијата беше „безначајна“ во услови на катастрофи предизвикани од топлотните бранови што рутински предизвикуваат штета од десетици милијарди долари, потегот на Данска „беше симболично важен и на некој начин го скрши мразот на богатите“, рече Алден Мејер, американскиот шеф во Меѓународниот центар за климатска политика. Токму ова врши притисок врз САД, кои се одговорни за четвртина од дополнителниот јаглерод диоксид што се испушта во атмосферата уште од индустриската револуција додека Европската Унија (ЕУ) е одговорна за повеќе од една петтина од дополнителните јаглеродни емисии.

Преседанот на Данска во однос на преостанатиот дел од развиените земји беше „јасна тактичка агенда“ за притисок врз другите да го следат нејзиниот пример, смета Матијас Седерберг, главен советник во „Дан чрч еид“, добротворна организација што помогна да се развие работата на Владата за климатската помош. Како релативно мала земја, единствениот начин на кој таа можеше да придонесе е да се ангажира на меѓународно ниво, како дел од мантрата на Владата. Сепак, данското министерство за надворешни работи не потврди дека тоа била намерата.

Данска соопшти дека издвоила 5,3 милиони евра за помош на заедниците во земјите во развој од страна на групите на граѓанското општество, особено во африканскиот регион Сахел. Исто така, издвоила 4,7 милиони евра за поддршка на осигурителните програми чија цел е да им помогнат на заедниците погодени од катастрофи да се обноват и дополнителни 3,3 милиони евра беа наменети во „стратегиската“ резерва за поддршка на напорите за загуби и штети што произлегуваат од КОП27.

Сериозен пристап во борбата со климатските промени

Богатата земја реши да гради мостови, бидејќи влијанијата од климатските промени стануваат сè поостри. Данскиот министер за развој Флеминг Молер Мортенсен смета дека на најсиромашните во светот им е нанесена груба неправда да страдаат најмногу од последиците од климатските промени, за кои тие имаат најмал придонес.

Главниот европски претставник за климатски прашања, Франс Тимерманс, неодамна изјави за списанието „Ле гранд континент“ дека земјите на ЕУ „мора да бидат подготвени да потрошат малку повеќе за загубите и штетите предизвикани од климатските промени, бидејќи тоа го бараат земјите во развој“. Администрацијата на САД, исто така, призна дека треба да се вложи повеќе и на приватни дипломатски состаноци и на јавни изјави. Меѓутоа, американската влада се соочува со буџетски предизвици, при што Конгресот не сака да ја поддржи меѓународната помош за климатските промени.

Од друга страна, сиромашните и ранливи земји се подготвуваат за разврска околу ова прашање. Сенегалскиот министер за животна средина и одржлив развој на Абду, Карим Сал, неодамна истакна дека новите пари за справување со загубата и штетата се „фундаментален приоритет“ за групата од 46 најмалку развиени земји со кои тој претседава. Покрај тоа, Пакистан повика да се платат „репарации“ по поплавите што оставија делови од земјата под вода.

Исто така, генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, предложи итен глобален данок за компаниите за фосилни горива за да ја платат штетата предизвикана од емисиите што ги испуштаат нивните производи. Сал смета дека разговорите на КОП27 во Шарм ел Шеик мора да доведат до воспоставување наменски механизам за финансирање и за канализирање на парите кон погодените заедници. Сепак, тоа беше црвена линија за ЕУ ​​и за САД, кои се бореа да ја задржат дискусијата надвор од агендата на КОП27 на прелиминарниот состанок во Бон, Германија, во јуни.

ЕУ тврди дека со користењето на постојните институции, на пример Зелениот климатски фонд, Глобалниот еколошки фонд, Црвениот крст или осигурителните програми, за канализирање на парите, ќе се избегне долготрајна борба за изградба на нов ентитет од нула. Исто така, тоа може да биде и малку политички спорно.

Меѓу европските и американските дипломати постои недоразбирање околу тоа да се дојде до функционален компромис со кој се избегнува какво било формално признавање одговорност, ги ограничува вкупните пари што би биле обврзани да ги потрошат, им дозволува на богатите земји одредена контрола врз тоа каде одат парите и ги задоволува сè поочајните барања на сиромашните земји за помош.