Орхидеите, според многумина, се едни од најубавите и најпривлечни претставници на цветните растенија. Но тие се познати и како растенија со многу барања, поради тешкотијата за нивно одржување, што често ги одвраќа љубителите на цвеќиња.
Утринска сончева светлина: На орхидеите им се допаѓа утринската сончева светлина и затоа треба да бидат поставени кон источната страна на прозорецот. Исто така, важно е светлината да не биде директна, за да не се уништи растението со нејзиниот интензитет.

Двојно наводнување: За да има доволно хранливи материи, потребно е да ја извадите од саксијата од теракота и да ја потопите во вода на собна температура во пластичниот сад во кој сте ја купиле. По некое време, кога растението ќе ја впие содржината, оставете го кратко да капе и потоа вратете го во садот со теракота. Постапката повторувајте ја на секои седум до десет дена.

Саксија од теракота: Голема, ако не и најголема грешка што може да се направи при одржувањето е да се остави орхидејата во садот во кој сме ја купиле или добиле. Оваа постапка го спречува растението да дише и поради тоа порано венее.

Доколку сакате вашата орхидеја да цвета што е можно подолго, се препорачува таа да се премести во саксија од теракота што му овозможува на растението да дише. Не треба да се пресадува и при преместување не е неопходно да се додава дополнителна земја, бидејќи тоа го спречува протокот на воздух.