Фото: Пиксабеј

Кујната е дел од куќата што изгледа најтешко се средува. Постојано се користат садови, чаши, прибор за јадење, на работната маса остануваат миксери, блендери и апарати за кафе. Се чини дека никогаш нема простор во кујнските шкафчиња, затоа применете ги следните правила што е можно поскоро, а со тоа ќе воведете нов ред.

Отстранете ги сите дупликати: Без разлика дали се работи за пластична кутија или за прибор што сте го купиле во комплет, внимателно разгледајте ги сите предмети во кујната и размислете дали навистина ви се потребни. Ако имате повеќе комплети јадења, размислете за тоа да донирате некои од нив. Често акумулираме додатоци само затоа што не можеме да одолееме на одреден дизајн.

Фрлете ја храната со поминат рок: Ова важи и за зачините што ги чувате долго време, како и за оние производи на кои датумот на производство или рокот на траење е изминат или не е видлив. Извадете сè од шкафот или од оставата, избришете ги полиците за да ги отстраните трошките и дамките. Вратете сè на место со редење – лименки, тегли, ќесиња или шишиња. Додадете дополнителни организатори или полици за да одржувате сè организирано.

Воведете правило – нема повеќе празни пакувања: Кога ќе потрошите дел од брашното, шеќерот, гризот… што и да е, остатокот веднаш префрлете го во тегла. Обележете го и наведете го датумот на истекување на рокот.

Тргнете ги настрана апаратите што не ги користите: Основното правило е дека нешто што не сте го користеле шест месеци, па дури и една година, не треба ни да го чувате во кујната.