Помодерните телевизори и уреди што имаат ЛЦД или ОЛЕД-екрани бараат малку поинакво одржување од постарите модели на телевизори.

Според Џесика Ек, експертка за чистење од Американскиот институт за чистење, современите екрани го имаат истиот метод на одржување и мора да бидеме многу внимателни при изборот на средствата со кои планираме да ги чистиме. Исто така, таа наведува дека уредите треба да ги исклучуваме заради безбедност, но и затоа што подобро ќе ги видиме дамките на екранот.

Првото правило при чистење на екранот е да користите крпи од микрофибер, бидејќи поновите екрани се почувствителни. Материјалот на оваа крпа содржи микровлакна чиј притисок на екранот ја намалува можноста за гребнатини. Ек истакнува дека никогаш не треба да користиме хартиени брисачи, марамчиња и други слични материјали.

Таа советува да ги исчистите овие површини со лесни движења, за да не ги уништите пикселите, а тоа особено се однесува на аглите на уредот. Дополнително, крпата за чистење на уредот треба да биде исклучиво наменета за слични површини, за да не останат траги од други површини.

Кога станува збор за изборот на средства, можете да користите секакви средства наменети за чистење на екрани, но не нанесувајте го директно на уредите. Нанесете го средството на крпата и потоа исчистете ги екраните. Како последен совет се наведува дека треба да избегнувате чистење во круг, за да не ви се појават линии.