Автомобилот прикажан на фотографиите е „морис минор 1.000“, произведен во 1962 година. Таканаречениот „моги“ е култен британски автомобил и ги поседува сите карактеристики на еден типичен култен олдтајмер. Во времето на неговото производство, ова возило е сметано за луксузно, но исто така и возило што можат да си го дозволат и широките народни маси. Па, така, за време на неговото производство, тој се продал во повеќе од милион примероци.

Колку најдолго сте поседувале автомобил? Една година, пет или можеби десет? А што велите за четириесет и две години? Веројатно не постојат многу од нас што може да кажат дека толку години возат ист автомобил, но Стјуарт Глен, кој поседува „морис минор 1.000“, го има од 1975 година. Овој олдтајмер, секако, не нуди беспрекорни перформанси и воопшто не е брз, но ракувањето со него секако буди насмевки на тој што е зад воланот.

– Можноста да се спушти покривот и сите други неверојатни аспекти за неговиот дизајн навистина создаваат неверојатни чувства кога се движите по патиштата – вели тој.

Јасно е дека поседувањето ваков автомобил не е за перформанс или за победување на автомобилот до тебе на следниот семафор. Тој е создаден за да се чувствувате убаво и да ви стави насмевка на вашето лице. „Моги“ дефинитивно го доловува тоа чувство. Гледајќи над големиот брзинометар кон предниот дел на оваа мала машина, добивате лажно чувство на брзина што присуствува при возењето на автомобилот.

– Ние не сме единствената двојка што ужива во „морисот“. Вообичаено, повеќето што нѐ изминуваат ни даваат комплименти за автомобилот. Има нешто магично во „моги“, неколкупати дури имаше можност да предизвикаме несреќи за сите оние што ги вперуваа очите на нашиот автомобил, наместо на патот пред нив – вели Стјуарт, кој го поседува „Моги“.

Овие денови семејните патувања на крајбрежјето и други подолги патувања се должност за други автомобили. „Моги“ старее грациозно, се користи помалку, но никогаш нема да биде запоставен. Неговиот сопственик го користи редовно за кратки дестинации. Но со текот на годините неговиот сопственик го надградувал со разни дополнувања, некои што се дел од стандардната опрема, а некои не. Ова не е автомобил за кој мора сѐ да е од оригинално потекло, а тоа го планирала и компанијата кога го создала. Овој „Моги“ покажува „лузни“ и недостатоци заработени со возраста. Но сега Стјуарт, со помош на неговата ќерка Викторија, ја завршува неопходната работа за да го одржи моторот на „морис“ во оптимална состојба. Тој вели дека следниот поголем чекор што треба да се направи ќе биде новата боја за автомобилот, но и конечно заменување на триесет и двегодишната кожа на ентериерот. Со оглед на возраста и ригорозната употреба на автомобилот во текот на годините, тој сѐ уште е во одлична состојба, но неговите „лузни“ ја прикажуваат неговата историја. Автомобилот имал повеќе од еден нов мотор. Повеќепати е заменет во текот на животот на автомобилот, како и некои негови делови.

Може да се забележи дека воланот е од друг модел, но не за да се надгради туку за да се подобри ефикасноста во управувањето на автомобилот. Помалиот дијаметар овозможува поголемите и пошироките возачи да се вклопат удобно зад управувачот на автомобилот. Сите други делови од автомобилот се фабричките.

– Има и мали проблеми, како системот за греење, кој на овој автомобил е од месинган вентил, кој испраќа воздух директно од моторот. Мораме да одлучиме пред да го возиме автомобилот дали сакаме да го отвориме или затвораме овој вентилатор. Тоа значи дека ако одлучиме да го затвориме вентилот и да го грееме автомобилот, потоа нема избор за да го отвориме. Ако ни е претопло, ќе мора да излеземе од автомобилот и да го затвориме вентилот – вели Стјуарт.

Сепак Стјуарт кажува дека ваквите детали се она што му дава на автомобилот карактер. Последното појавување на автомобилот во медиумите беше во 1994 година, се поставува прашањето уште колку вакви други автомобили се сѐ уште на патот. Од ваквите примери се гледа дека некои луѓе во старите автомобили сѐ уште гледаат можност за употреба. Знаат да уживаат во нив и покрај тоа што тие не се совршени.