Годинашните „Струшки вечери на поезијата“ ќе се одржа под мотото „Ритам на стихот, ритам на животот“ со кое се потенцира исконската врска помеѓу ритмичките обрасци во поезијата како одраз на ритмичките обрасци во природата и севкупната стварност, но и врската помеѓу поезијата и музиката. Во рамките на програмата на фестивалот ќе биде промовирана и Антологијата поезија и музика, тематски избор на песни од истакнати домашни и странски поети чијашто тема е музиката.
Годинешниот лауреат на СВП, истакнатиот јапонски поет Шунтаро Таникава поради својата поодмината возраст (91 година) и поради здравствени ризици нема да биде во можност физички да присуствува на фестивалот. Неговиот син, Кенсаку Таникава, истакнат јапонски композитор и пијанист, ќе го прими „Златниот венец“ во име на неговиот татко. Кенсаку Таникава во рамките на портретот на лауреатот во „Св. Софија“ во Охрид, ќе има специјален музички настап инспириран од стиховите на Шунтаро Таникава.
Специјален гостин на годинашното издание е лауреатот на СВП во 2020 година, израелскиот поет Амир Ор.
Програмата на фестивалот ќе се одвива во периодот од 25 до 29 август и ќе ги задржи препознатливите програмски содржини на фестивалот. Повеќе од 25 странски поети, како и домашни поети од постарата, но и од помладата генерација, ќе учествуваат на фестивалот на главните поетски читања. Во состав на програмата е предвидено меморијално чествување на доајенот на македонската поезија, Радован Павловски, вечер на хрватска женска поезија и промоција на специјалниот тематски број на „Книжевно житие“, поетски портрет на Шунтаро Таникава, поетски омаж на лауреатот на СВП во 2020 година, Амир Ор, портрети на добитниците на наградите „Мостови на Струга“ и „Браќа Миладиновци“ за 2022 година, како и повеќе поетски читања на домашни и странски поети.
Во рамките на програмата на СВП ќе биде организиран специјален настан поврзан со настапот на избраните поети од платформата „Версополис“, проект поддржан од Европската комисија. СВП се дел од овој проект од 2014 година.