За двата наши ЕУ-соседа што се обидуваат Македонија да ја чуваат во кафез

  • Европа зборува за вредности, принципи и владеење на правото, а две нејзини членки, секоја од своја страна, повторно ја враќаат Македонија „на испит по сопственото постоење“!? Не мора да има писмен договор меѓу Софија и Атина за меѓусебна координација, кога политичките пораки во целост им се совпаѓаат, целите им се преклопуваат, а резултатот секогаш е ист за македонската држава… да се правда за нешто што во нормална Европа не би требало да биде предмет на туѓо одобрување Она што се случуваше деновиве, во пресрет на официјалната посета на премиерот Христијан Мицкоски на Брисел, е уште една илустрација на овој добро познат синдром. Додека македонската влада се обидува пред европските институции да ја артикулира позицијата дека европската интеграција не може да биде заложник на билатерални историски и идентитетски спорови, од Атина и Софија повторно се лансираат зафати за деноминирање и денационализирање на Македонците и македонската историја, кои сурово сакаат да ја фрлат Македонија во ровот на балканското непризнавање

Постојат случајности што престануваат да бидат случајности кога премногу често се случуваат во ист политички момент, со слична порака и со ист ефект. А постојат и политички рефлекси што толку долго се практикуваат што веќе личат на стратегија. Македонија, за жал, со децении е сведок токму на таков балкански политички механизам. Имено, секогаш кога ќе се обиде да ја отвори вратата кон Европа, некој од соседството се обидува повторно да ја затвори вратата кон нејзиното минато, идентитет и историска самосвест. Она што се случува деновиве, во пресрет на официјалната посета на премиерот Христијан Мицкоски на Брисел, е уште една илустрација на овој добро познат синдром. Додека македонската влада се обидува пред европските институции да ја артикулира позицијата дека европската интеграција не може да биде заложник на билатерални историски и идентитетски спорови, од Атина и Софија повторно се лансираат отровни зафати и методи што ја фрлаат Македонија во рововите на балканското непризнавање. Текстот на колегата Сашо Таневски во денешниот број на нашиот весник пластично го опишува тоа. Јас само ќе генерализирам… Имено, од грчка страна се рециклираат старите историски конструкции, се оживуваат текстови од времето кога македонското прашање беше предмет на агресивна националистичка пропаганда, а во јавниот простор повторно се пласираат тези што ја проблематизираат македонската историска и национална посебност. Во исто време, од бугарска страна во самиот Европски парламент се организира промоција на публикација чија тема е оспорување на идентитетот на Македонците.
И тука веќе „од авион се гледа“ дека станува збор за политичка порака што се испраќа од европска институција (Европскиот парламент), во момент кога една земја кандидат (Македонија) се обидува да го објасни апсурдот на сопствената блокада.
Може ли да се замисли поциничен контраст? Во институцијата на ЕУ што треба да ја брани европската демократска култура се отвора простор за настани што ја доведуваат во прашање националната посебност на една земја што токму таму бара европска перспектива!?
Ајде, да бидеме попедантни… Ниту Грција ниту Бугарија немаат обврска да се согласуваат со македонските историски интерпретации. Ниту, пак, Македонија треба да бара цензура на туѓи научни и политички ставови. Но сосема друго прашање е кога историските расправи се претвораат во дипломатски инструменти, кога националистичките наративи добиваат институционална поддршка и кога позицијата на членка на Европската Унија се користи за да се создава политички притисок врз земја кандидат.

Токму тука е суштината на проблемот. Грција и Бугарија се полноправни членки на Европската Унија. Македонија е земја кандидат, која со години се обидува да ги исполни европските критериуми, но наместо нејзиниот напредок да се оценува според реформите, институциите, демократијата и владеењето на правото, таа постојано е вовлекувана во расправи за тоа како треба да се вика, како треба да ја толкува својата историја, кој има право да го употребува нејзиното име и дали нејзиниот национален идентитет е прифатлив за соседите.
Со други зборови, Македонија не се соочува само со европскиот реформски испит. Таа е принудена да полага и испит по сопственото постоење. И тоа пред испитувачи што истовремено се и политички заинтересирани страни во спорот. Ова е особено проблематично затоа што зад дипломатскиот речник за добрососедство, европска солидарност и регионална соработка се крие една многу понепријатна реалност. Тоа е реалната асиметрија на моќта!
Двете соседни држави веќе седат на европската маса и имаат институционални механизми преку кои можат да влијаат врз европската агенда. Македонија, пак, сè уште чека пред вратата, обидувајќи се да објасни дека европските принципи не смеат да бидат предмет на различно толкување во зависност од тоа кој е помоќен, а кој послаб. Така, наместо европската интеграција да биде процес на приближување кон заеднички вредности, таа се претвора во процес на политичко условување, историско надмудрување и дипломатско исцрпување. Најзагрижувачко е што ова не е изолиран грчки или бугарски проблем. Ова е тест за кредибилитетот на самата Европска Унија. Ако една членка може да ја користи својата позиција за да наметнува билатерални историски и идентитетски условувања, а друга членка паралелно ја проблематизира националната посебност на истиот сосед, тогаш Брисел мора да одговори на прашањето дали европските вредности важат еднакво за сите или се применуваат селективно, во зависност од политичката тежина на државите. Не е потребно да се докажува постоење на „формална координација меѓу Атина и Софија“, како што оддалеку се намирисува, за да се забележи дека нивните политички дејства создаваат комплементарен притисок врз Македонија. Едната страна го отвора историското прашање од своја перспектива, другата го прави тоа од своја, а македонската држава повторно се наоѓа во позиција да објаснува, да демантира, да докажува и да се брани. Ајде да земеме дека можеби тоа не е однапред договорена дипломатска операција, иако длабоко се сомневам, но несомнено е политичка практика со препознатлив резултат. А тој резултат е Македонија да нема доволно простор да зборува за својата европска иднина, затоа што постојано е принудена да се брани од туѓите претстави за своето минато.

Затоа посетата на нашиот премиер на Брисел не треба да биде само уште една дипломатска средба на која ќе се повторуваат познатите аргументи за неправдата што ѝ се нанесува на Македонија. Таа треба да биде можност за суштинско поставување на прашањето за тоа „до кога Европската Унија ќе дозволува билатералните историски и идентитетски спорови да ја суспендираат европската перспектива на една држава?!“ И до кога ќе ја толерира практиката во која членките на Унијата, наместо да бидат гаранти на европските принципи, стануваат нивни селективни толкувачи?
Македонија, се разбира, мора да си ги заврши домашните задачи. Мора да ги спроведува реформите, да ги зајакнува институциите и да ги исполнува демократските стандарди. Но никој нема право реформскиот процес да го претвора во процес на национално самооткажување. Ниту една европска перспектива не смее да подразбира обврска една држава да ја предаде сопствената историска самосвест за да добие место на европската маса. Европа не смее да биде клуб во кој членството се стекнува со политичка сила, а кандидатскиот статус се плаќа со идентитетски отстапки. Ако Брисел навистина верува во вредностите што секојдневно ги прокламира, тогаш треба да покаже дека европските принципи не се само декларативна реторика за малите и слабите туку обврзувачки правила и за големите и моќните. Затоа што ако две соседни членки на Унијата можат синхронизирано или барем паралелно да ја држат Македонија во историска и политичка дефанзива, а европските институции да останат неми набљудувачи, тогаш проблемот одамна не е само во Атина и Софија. Проблемот е и во Брисел. Тому така. И за крај, Македонија не бара од Европа да ја пишува нејзината историја. Бара да престане да им дозволува на другите да ја користат европската моќ за да ѝ ја оспоруваат. И, пред сè, бара да биде оценувана според европските критериуми, историографијата, фактите и вистината, а не според тоа колку успешно ќе се откаже од себе за да им биде прифатлива на своите европски помоќни соседи.